МНТ СО ГОЛЕМА НОВИНА ЈА ОТВОРА НОВАТА СЕЗОНА „Три сестри“ прва претстава со превод на англиски

„Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ ќе ја отвори сезоната 2026/2027, со англиски превод на претставата.

МНТ СО ГОЛЕМА НОВИНА ЈА ОТВОРА НОВАТА СЕЗОНА „Три сестри“ прва претстава со превод на англиски
Фото: Принтскрин

Македонскиот народен театар (МНТ) новата сезона 2026/2027 ќе ја отвори на 25 септември со премиерата на „Три сестри“, според истоимената драма на А. П. Чехов, во режија на Нела Витошевиќ. Новата сезона носи и новина наменета за странската публика -дел од претставите во однапред утврдени термини ќе се изведуваат со превод на англиски јазик. Од МНТ велат дека со ова сакаат театарската програма да биде подостапна за посетителите кои не го разбираат македонскиот јазик.

Премиерата на „Три сестри“ ќе биде првата претстава во новата сезона која ќе има англиски превод, со што МНТ прави чекор кон поголема отвореност и интернационализација на својата програма. Адаптацијата е подготвена според текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, додека драматургијата е на Викторија Рангелова-Петровска. Претставата носи современо сценско толкување на едно од најпознатите дела на светската драмска литература.

Во актерската екипа се Дарја Ризова во улогата на Ирина, Наталија Теодосиева како Маша, Верица Недеска како Олга, Дамјан Цветановски како Андреј, Благој Веселинов како Александар, Емил Рубен како Иван, Ивица Димитријевиќ како Игор, Нина Деан како Наташа и Антонио Ташковски како Никола.

Креативниот тим го предводат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа и композиторот Огнен Анастасовски. Извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен. Билетите за премиерата и првите изведби веќе се пуштени во продажба. Од МНТ ја повикуваат публиката навреме да обезбеди билети и да биде дел од отворањето на новата сезона.

CATEGORIES
Share This