40 ГОДИНИ МУЗИКА И ЕМОЦИИ „Скопско лето“ се затвора со „Звук што расте“
Камерниот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар“ со јубилеен концерт во Сули ан ќе го заокружи 47. издание на фестивалот.

Овогодишното 47. издание на фестивалот „Скопско лето“ вечерва, 30 јули, свечено ќе биде затворено со концертот „Звук што расте“ посветен на 40-годишниот јубилеј на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“. Завршниот фестивалски настан ќе се одржи во Факултетот за ликовни уметности Сули ан, со почеток во 20:30 часот, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Под диригентската палка на Иван Еминовиќ, оркестарот ќе изведе програма составена од дела на современи македонски композитори, претставувајќи различни музички изрази, авторски визии и современи звучни форми. Јубилејниот концерт ќе биде посвета на македонското музичко творештво и на четиридецениското дејствување на оркестарот, кој со својата работа остави значаен белег во развојот на домашната музичка сцена.
Концертот „Звук што расте“ ќе ја заокружи програмата на 47. „Скопско лето“ со прослава на традицијата, современиот музички израз и долгогодишниот придонес на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија.
Билетите се достапни преку karti.com.mk.

