ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ЗНАКОТ НА ИТАЛИЈАНСКАТА ВИРТУОЗНОСТ Кристиана Пегорано ја освои публиката

Охридско лето во знакот на италијанската виртуозност: Кристиана Пегорано ја освои публиката.

ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ЗНАКОТ НА ИТАЛИЈАНСКАТА ВИРТУОЗНОСТ Кристиана Пегорано ја освои публиката
Фото: Принтскрин

Незаборавна фестивалска вечер остави зад себе италијанската пијанистка Кристиана Пегорано, која со својата виртуозност и харизматичен настап ја воодушеви публиката на 66. издание на „Охридско лето“. Концертот се одржа во рамки на традиционалната Италијанска вечер, поддржана од Амбасадата на Италија во Македонија, а присуствуваа бројни љубители на класичната музика, меѓу кои и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на фестивалот.

Италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери, отворајќи ја вечерта, посочи дека „Охридско лето“ со секое ново издание го потврдува својот престиж и достигнува нови височини.

„Охридско лето е еден од најзначајните културни фестивали во Европа, а годинава имаме чест да ја претставиме извонредната пијанистка Кристиана Пегорано, која настапувала на најголеми светски сцени и имала чест да свири и пред претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела“, истакна Палминтери.

Тој додаде дека програмата на Пегорано е дел од темата што ги обединува културните настани организирани од Амбасадата на Италија во 2026 година – „Љубовта во сите нејзини облици“. Пегорано, која „Њујорк тајмс“ ја опишува како „уметница од највисок калибар“, на сцената настапи со програмата „Радоста на музиката“. Вечерта ја отвори со „Largo al Factotum“ од операта „Севилскиот бербер“ на Џоакино Росини, во свој аранжман, а публиката имаше можност да ужива и во делата на Бах, Шуберт, Бетовен, Вивалди, Моцарт и Вебер.

Посебно внимание привлече нејзината интерпретација на сплет од наполитански песни, како и композициите создадени од самата пијанистка, со кои го заокружи настапот.

„Музиката е универзален јазик кој води директно до срцата на луѓето“, порача Пегорано, која со своето маестрално музицирање донесе вистинска радост кај фестивалската публика.

Италијанската пијанистка зад себе има повеќе од 50 меѓународни награди и признанија, а настапувала во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, Блискиот Исток, Азија и Австралија.

CATEGORIES
Share This