СЕ ИЛИ НИШТО Победа со два гола против Литванија ја носи Македонија на ЕП

За да обезбедат место на Европското првенство, македонските ракометари мора да победат со минимални два гола разлика.

СЕ ИЛИ НИШТО Победа со два гола против Литванија ја носи Македонија на ЕП

Македонската ракометна репрезентација утре ќе го одигра последниот и најважен квалификациски меч за пласман на Европското првенство 2026 година, кога ќе ја пречека Литванија во Скопје. Селекторот Кирил Лазаров и неговите избраници имаат само една опција – победа со два гола разлика.

Откако победата на гостувањето против Естонија го остави отворен патот за пласман, ситуацијата се промени поради тактизирањето на дел од репрезентациите кои веќе обезбедиле пласман на ЕП. Неучествувањето на некои од нив со најсилни состави влијаеше на шансите на Македонија.

За да обезбедат место на Европското првенство, македонските ракометари мора да победат со минимални два гола разлика. Ако не ја постигнат оваа цел, ќе останат надвор од борбата за четирите места кои се резервирани за најдобрите трети во групите.

Македонија веќе еднаш го покажа својот квалитет, кога во драматичен меч против Фарски Острови во Скопје ја надокнади негативата од седум гола и обезбеди пласман на Светското првенство што се одржа во јануари. Овојпат, притисокот е уште поголем, но истата борбеност ќе биде потребна за да се продолжи традицијата на учества на големи натпреварувања.

Против Литванија се очекува празник на ракометот, а трибините ќе бидат исполнети до последното место. Атмосферата која ќе создадат навивачите треба да биде додатен импулс за македонските ракометари, кои ја имаат шансата да се пласираат на осмото Европско првенство во историјата, и седмо по ред. За оваа генерација, победата против Литванија ќе биде и совршен роденденски подарок за селекторот Кирил Лазаров, кој денеска полни 45 години.

Дуелот меѓу Македонија и Литванија ќе се одигра утре во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“.

CATEGORIES
Share This