ЛАВРОВ СО АЛАРМАНТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Русија мора да стекне здрав гнев
Москва тврди дека ситуацијата е сериозна и дека Западот врши притисок врз Русија, но најавува дека нема да отстапи од својот курс.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров порача дека Москва мора да покаже „здрав гнев“ во надворешната политика, но без емоционални реакции и избрзани потези. Во интервју за руската агенција ТАСС, Лавров истакна дека Русија не треба да „се лути и да ги троши нервите“, туку да се насочи кон остварување на поставените цели.
„Да се лутиме и да ги трошиме нервите, тоа е најлошото. Треба да се фокусираме. Здравиот гнев е сосема соодветен. Не да се лутиме, туку да стекнеме здрав гнев“, изјави Лавров.
Според него, ваквиот пристап е потребен и за забрзување на технолошкиот развој на Русија, но и во надворешната политика.
„Не паѓајте во хистерија, туку извлечете заклучоци. Продолжете по својот курс“, порача рускиот министер.
Лавров оцени дека актуелната состојба е сериозна и повтори дека, според него, западните земји водат политика насочена против Москва.
„Ситуацијата воопшто не е безопасна, претседателот не го крие тоа. Целиот цивилизиран, како што се нарекува себеси, свет нè нападна“, рече тој.
Тој ги обвини западните држави дека преку Украина вршат притисок врз Русија и дека бараат прекин на конфликтот на актуелните линии на поделба. Лавров ги отфрли предлозите за продолжување на преговорите по евентуално примирје со распоредување меѓународни сили во Украина, оценувајќи дека тоа би било „ултиматум“.
„Русија нема да се согласи на такво сценарио“, порача тој, додавајќи дека Москва се повикува на чувството на достоинство и историска гордост.
Рускиот претседател Владимир Путин во повеќе наврати изјави дека Русија нема намера да започне војна со Европа, но предупреди дека Москва ќе одговори доколку европските земји преземат воени активности против неа. На состанок со дипломирани студенти од високи воени училишта на 23 јуни, Путин изјави дека земјите од НАТО, според неговото тврдење, не зборуваат само за поддршка на Украина, туку и се подготвуваат за можен конфликт со Русија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 27 јули изјави дека по распадот на Советскиот Сојуз, дел од западните земји, според него, сакале Русија да се распадне на помали држави.

