ПО ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ДА ОДИ НА РАБОТА Фетаи доби нова функција – Владата го испраќа во Брисел

Само месец и пол по разрешувањето од функцијата вицепремиер, Арбен Фетаи е именуван за специјален пратеник за Европската Унија, а најавата што претходно ја даде Изет Меџити сега и официјално се реализира.

ПО ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ДА ОДИ НА РАБОТА Фетаи доби нова функција – Владата го испраќа во Брисел
Фото: Принтскрин

Поранешниот вицепремиер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, е именуван за специјален пратеник за Европската Унија во Брисел. Одлуката ја донела Владата на вчерашната седница, околу месец и пол откако Собранието, на 10 јуни, официјално го разреши од функцијата.

Фетаи претходно, на 1 јуни, поднесе оставка, откако речиси два месеца не се појавуваше на своето работно место. Само неколку дена подоцна, на 4 јуни, копретседателот на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, најави дека ќе биде назначен за специјален претставник на Владата во Постојаната мисија на Северна Македонија при Европската Унија во Брисел.

Новата функција Фетаи ја објави преку својот профил на Фејсбук.

„Владата на Република Северна Македонија ме именуваше за специјален пратеник за Европската Унија, во Брисел. Ова е ново поглавје во служба на европската интеграција на земјата“, напиша тој.

Тој оцени дека именувањето претставува голема чест, но и сериозна одговорност, нагласувајќи дека неговата улога ќе биде насочена кон забрзување на процесот на европска интеграција, зајакнување на политичката поддршка во институциите на Европската Унија и кај земјите членки, како и кон надминување на политичките и дипломатските предизвици со кои се соочува државата.

Фетаи посочи дека, врз основа на своето долгогодишно професионално искуство во Брисел и ангажманот во Владата, новата функција ја презема со уверување дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Воедно, им се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата за довербата што му ја укажале.

CATEGORIES
TAGS
Share This