МОСКВА ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ Лавров со жестока порака – Целиот Запад се сврте против Русија
Рускиот министер тврди дека Западот повторно бара „стратешки пораз“ на Москва и предупредува дека зад повиците за „деколонизација“ се крие план за распарчување на Русија.

Ситуацијата е сериозна и целиот западен свет се свртел против Русија, оцени рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руските медиуми. Според Лавров, западните земји повторно зборуваат за нанесување „стратешки пораз“ на Русија, додека истовремено, како што тврди тој, ги поддржуваат руските опозициски и антируски структури во Европа.
„Тие веќе не го кријат тоа. Нашите централни канали покажуваат што прави Западот. Важно е сите да го видат тоа за да разберат дека ситуацијата е сериозна. Претседателот не го крие тоа. Целиот таканаречен цивилизиран свет се сврте против нас“, изјави Лавров.
Рускиот дипломат тврди дека Западот се обидува напредокот на Украина и нападите со оружје со долг дострел да ги претстави како можна пресвртница во конфликтот. Според него, повторно се актуелизира идејата за „стратешки пораз“ и „деколонизација“ на Русија, што Москва го толкува како обид за распарчување на земјата. Лавров оцени и дека целиот свет со големо внимание го следи исходот од војната во Украина, при што повторно ја обвини западните земји дека го предизвикале конфликтот.
Лавров: Западот ѝ поставува ултиматум на Москва
Говорејќи за можноста за продолжување на преговорите за Украина, Лавров изјави дека Москва не прифаќа услови што би биле наметнати од Западот. Тој тврди дека западниот предлог за прекин на огнот, по кој би следело распоредување мултинационални сили предводени од Франција и Велика Британија, а потоа и продолжување на преговорите, всушност претставува ултиматум за Русија.
„Што значи тоа? Тоа е ултиматум. Ја замрзнуваме линијата на контакт, а режимот во Киев останува. Тие нема да признаат ниту една територија каде што се одржале референдуми“, рече Лавров.
Рускиот министер истакна дека Москва, како што наведе, нема намера да прави отстапки што ги смета за спротивни на своите национални интереси.
„Западот не може да се натпреварува фер“
Лавров го обвини Западот дека со години води политика насочена кон слабеење на Русија и дека санкциите се дел од обидот да се задржат позиции што, според него, се неповратно изгубени.
„Тие се плашат од фер конкуренција во сè. Тоа е една од причините за санкциите – да се задржат позиции кои се неповратно изгубени по 500 години западна доминација“, оцени рускиот министер.
Тој потсети дека по доаѓањето на Владимир Путин на власт, Русија, според неговите зборови, била отворена за рамноправно стратешко партнерство со Западот.
Лавров ги претстави руските национални интереси
Зборувајќи за руските национални интереси, Лавров рече дека тие пред сè се однесуваат на независноста на земјата, безбедноста на границите и немешањето на странски држави во внатрешното уредување на Русија.
„Нашите национални интереси лежат во тоа што сме независна земја, независна цивилизација. Ги чуваме нашите граници безбедни и никој не треба да ни кажува како да го организираме животот во Русија“, изјави тој.
Лавров додаде дека, според него, сите народи во Руската Федерација треба да ги уживаат уставно загарантираните права, вклучително и правото на образование, зачувување на културата, традициите и религиозните верувања.

