ПАРИ ЗА ПОЛОЖЕН СТРУЧЕН ИСПИТ Тројца пријавени за поткуп и противзаконито влијание

Студентка, професор и претседател на испитна комисија под лупа на полицијата – при претреси пронајдени над 65 илјади евра.

ПАРИ ЗА ПОЛОЖЕН СТРУЧЕН ИСПИТ Тројца пријавени за поткуп и противзаконито влијание
Фото: Принтскрин

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги, во рамки на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, на 27 јули 2026 година до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против три лица поради сомнение за сторени кривични дела поврзани со поткуп и противзаконито влијание.

Кривично пријавена е А.Т. (27) од Битола, поради основано сомнение за сторено кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“ по член 358-а став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Пријавен е и С.Ч. (56) од Гостивар, поради сомнение за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 2 во врска со став 1, како и С.Е. (63) од Скопје, поради сомнение за „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Во рамки на постапувањето, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал извршиле претреси кај второ и третопријавениот, при што биле пронајдени и одземени парични средства во износ од 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари.

Според пријавеното, А.Т., во својство на студентка на Стоматолошкиот факултет, со намера да се стекне со уверение за положен стручен испит за здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата, во декември 2025 година, по повеќекратна комуникација преку апликацијата „Вибер“, на С.Ч., професор на Стоматолошкиот факултет и поранешен потпретседател на Стоматолошката комора, му дала парични средства кои ги уплатила на неговата банкарска сметка.

Според сомнението, парите му биле дадени на С.Ч. со цел тој да изврши влијание врз С.Е., кој во својство на претседател на Комисијата за полагање стручен испит за здравствени работници со високо образование од областа на стоматологијата при Министерството за здравство, бил надлежен за спроведување на испитот.

А.Т. во декемвриската испитна сесија, на 17 декември 2025 година, полагала пред формираната комисија, по што, според наводите во кривичната пријава, се стекнала со уверение за положен стручен испит иако, според сомнението, не го поседувала потребното знаење за успешно полагање на испитот.

Надлежното јавно обвинителство треба да ги преземе понатамошните дејствија во рамки на постапката.

CATEGORIES
Share This