МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БУГАРИЈА Протоколите не се дел од Преговарачката рамка

Премиерот вели дека Владата не прифаќа протоколите да бидат дел од Преговарачката рамка, додека Софија се повикува на договорите со претходната македонска влада. Муцунски и Сиљановска-Давкова имаат ист став за уставните измени.

МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БУГАРИЈА Протоколите не се дел од Преговарачката рамка
Фото: Принтскрин

Протоколите не се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија, но Бугарија има спротивен став и се повикува на договореното со претходната македонска влада. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Илинден.

„Апсолутно како Влада го делиме ставот дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. За жал, бугарската страна тврди дека тие се дел од рамката и дека со претходната влада бил постигнат договор во кој, според нивните тврдења, им било ветено сè и сешто. Ние како Влада не сметаме дека протоколите се дел и дека треба да бидат дел од Преговарачката рамка“, рече Мицкоски.

Премиерот оцени дека различното толкување од бугарска страна е последица на, како што рече, „егзибиции и капитулација“ на претходната влада на СДСМ и ДУИ и на тогашниот преговарачки тим. Мицкоски во синоќешното гостување во поткаст повтори дека уставните измени во формата што моментално се бараат нема да се случат. Тој порача дека е подготвен да разговара со сите страни и на секое место, доколку тоа води кон изнаоѓање одржливо решение за европската интеграција на земјата.

Според него, процесот мора да се води принципиелно и без двојни стандарди. Тој посочи дека, исто како што претходната македонска влада презела одредени обврски кон Брисел, така и Бугарија има преземено обврски поврзани со почитувањето на човековите права.

Ставот дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка претходно го изнесе и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Тој рече дека целосно се согласува со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека во содржината на Преговарачката рамка нема ниту експлицитна, ниту имплицитна одредба која го утврдува моментот на влегување во сила на уставните измени.

„Согласно моето толкување, и како министер за надворешни работи и како правник, протоколите не се дел од Преговарачката рамка“, изјави Муцунски.

На оваа тема неодамна реагираше и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека со години бил критикуван поради тврдењето дека протоколите не се дел од рамката за преговори. Дебатата околу правниот статус на протоколите повторно го отвори прашањето за условите под кои Северна Македонија треба да продолжи со евроинтегративниот процес, особено во делот на уставните измени и односите со Бугарија.

CATEGORIES
Share This