НОВА БУРА ВО СОБРАНИЕТО – ДУИ се закани дека ќе го блокира Законот за правична застапеност, ВЛЕН возврати жестоко
Хасани порача дека законот нема да помине доколку биде ставен на гласање, додека ВЛЕН ја обвини ДУИ дека со блокадата дејствува спротивно на Охридскиот рамковен договор.

Пратениците ги исцрпуваат последните точки од дневниот ред пред летната пауза, но неизвесно останува што ќе се случи со неколку законски решенија кои иако беа ставени на дневен ред, сепак не стигнаа до гласање. Меѓу нив е и Законот за високо образование, за кој веќе се водеше расправа во матичната комисија, но на пленарна седница остана само како точка на дневниот ред.
Слична е ситуацијата и со Законот за правична застапеност, кој повторно ги заостри односите меѓу партиите од албанскиот политички блок. Пратеникот на ДУИ, Илир Хасани, денеска порача дека доколку власта е сигурна во поддршката за законот, може да го стави на гласање и да се види од кого зависи обезбедувањето на потребното Бадентерово мнозинство. Од ДУИ тврдат дека нема да дозволат законот да биде усвоен, оценувајќи дека се обидува да биде „протуркан“ без соодветна парламентарна процедура.
„Ние сме упорни во заштитата на нашиот концепт дека тој закон не треба да помине. Како опозиција имаме Бадентерово мнозинство и затоа законот во моментот е закачен зад врата и чека момент. Ако претседателот на Собранието го стави на дневен ред, ние ќе го надгласаме и тој закон нема да помине“, изјави Хасани.
Законот за правична застапеност во моментов чека претседателот на Собранието, Африм Гаши, да го стави на гласање. За негово усвојување е потребно таканаречено мало Бадентерово мнозинство, односно поддршка од мнозинството присутни пратеници од заедниците. Од владејачката коалиција ВЛЕН, пак, обвинуваат дека токму ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети се обидуваат да го блокираат законот, со што, според нив, дејствуваат спротивно на принципите на Охридскиот рамковен договор.
Од ВЛЕН порачаа дека ДУИ, по заминувањето во опозиција, се обидува да создаде впечаток дека правата на Албанците се загрозени затоа што партијата не е дел од власта. Во меѓувреме, неизвесноста околу законите отвори и прашање дали блокадите можат да се претворат во нова тема за можни предвремени парламентарни избори.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска кратко порача дека не очекува овие прашања да бидат предмет на политичко пазарење за предвремени избори. Според него, Владата ги подготвила законските решенија, а сега одговорноста е кај пратениците. Иако во повеќе наврати ВМРО-ДПМНЕ посочуваше дека е подготвена за предвремени избори, Мицкоски повтори дека неговиот фокус останува на реализацијата на актуелните проекти.
Од СДСМ, пак, иако претходно исто така бараа предвремени избори, сега остануваат на ставот дека Мицкоски ќе се одлучи на таков чекор дури откако, како што тврдат, државната каса ќе остане празна. Додека партиите продолжуваат со меѓусебните обвинувања, останува отворено прашањето дали Законот за правична застапеност ќе биде ставен на гласање пред летната пауза и дали ќе успее да го обезбеди потребното Бадентерово мнозинство.

