РОНИ О’САЛИВАН ПОСТАВИ УЛТИМАТУМ Ако морам да играм квалификации, тогаш завршувам

Легендарната „Ракета“ има уште две сезони за да стигне до рекордната осма светска титула, а потоа ќе донесе конечна одлука за својата иднина.

РОНИ О’САЛИВАН ПОСТАВИ УЛТИМАТУМ Ако морам да играм квалификации, тогаш завршувам
Фото: Принтскрин

Легендарниот снукер играч Рони О’Саливан постави рок до 2028 година за освојување на рекордната осма светска титула, а воедно откри дека нема намера да игра квалификации доколку падне под границата што обезбедува директен настап на најголемите турнири. О’Саливан моментално има седум титули светски шампион и е израмнет со Стивен Хендри на врвот на вечната листа. Последниот триумф на популарната „Ракета“ на Светското првенство во Крусибл беше во 2022 година.

„Би сакал да освојам уште една титула светски шампион. Имам уште две шанси. Не играв доволно добро во последните три години и мислам дека, доколку ја пронајдам вистинската форма во Шефилд, можам да се обидам. Ако не успеам оваа или следната сезона, тогаш веројатно тоа никогаш нема да се случи. Сепак, задоволен сум од мојата кариера и од начинот на кој се одвиваат работите. Сакам само да уживам во следните две години“, изјави О’Саливан за World Snooker.

Педесетгодишниот Англичанец моментално настапува на Мастерсот во Шангај, каде што турнирот го започна со убедлива победа од 6:1 против 18-годишниот кинески аматер Лиу Линхао. О’Саливан во последните години настапува на ограничен број турнири, поради што падна на 12. место на светската ранг-листа. Доколку продолжи падот, би можел да се најде надвор од топ 16, што би значело дека ќе мора да игра квалификации за дел од најголемите турнири, вклучително и Светското првенство.

Сепак, „Ракетата“ категорично отфрла таква можност.

Нема да играм квалификации. Нема да ме видите во Барнсли како се обидувам да поминам низ квалификациите. Морам да бидам реален. Ако дојде до тоа, тогаш очигледно е крај на мојата кариера. Но, се надевам дека ќе продолжам барем уште две сезони“, порача О’Саливан.

CATEGORIES
Share This