ШТО СЕ КРИЕЛО ПОД ЗЕМЈАТА КАЈ ПРОБИШТИП Археолозите открија траги од древен живот

Остатоци од праисториска куќа и керамички предмети сведочат за населба од доцното бронзено време, стара повеќе од три милениуми.

ШТО СЕ КРИЕЛО ПОД ЗЕМЈАТА КАЈ ПРОБИШТИП Археолозите открија траги од древен живот
Фото: Принтскрин

Годинешните археолошки истражувања на локалитетот „Тумба Сред Село“, во близина на селото Дренок во Општина Пробиштип, потврдија дека станува збор за значаен локалитет поврзан со културната група Уланци. Населбата, која потекнува од доцното бронзено време, првично била откриена од археолозите Дамјан Донев и Радомир Ивановиќ, во рамките на проектот „Ревизиони археолошки рекогносцирања на Пробиштип и Кратово“.

Со годинашните истражувања, спроведени под раководство на м-р Златко Видески, се потврдило археолошкото значење на локалитетот. Меѓу најзначајните откритија е дел од праисториска куќа со сочуван ѕид долг 6,8 метри, како и богата колекција рачно изработена керамика карактеристична за доцното бронзено време.

Од Археолошкиот музеј на Македонија посочуваат дека, и покрај оштетувањата предизвикани од ерозијата и современите интервенции, локалитетот претставува исклучително значаен извор за проучување на животот и материјалната култура на населението кое живеело на овие простори пред повеќе од 3.000 години. Истовремено, резултатите од истражувањата отвораат нови можности за понатамошно проучување на праисторијата и културниот развој на овој дел од Македонија.

Истражувањата ги реализираше стручен тим предводен од м-р Златко Видески, во кој учествуваа и археолозите Илија Бошковски и Јовица Ристов, како и архитектката Марија Видеска.

CATEGORIES
Share This