ШТО СЕ ПОДГОТВУВА ВО СОСЕДСТВОТО НА УКРАИНА Варшава конечно откри дали има територијални планови
Полска остро ги отфрли тврдењата дека планира да преземе делови од западна Украина и порача дека нема идна намера да поставува територијални претензии кон Киев.

Полска не полага право на ниту еден дел од украинската територија и нема намера во иднина да поставува какви било територијални претензии кон Украина, соопшти полското Министерство за надворешни работи.
„Република Полска не тврдела, не тврди и нема намера да објавува територијални претензии кон Украина во иднина. Полска целосно го признава, почитува и непоколебливо го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, се наведува во соопштението.
Од Варшава реагираа на тврдењата кои периодично се појавуваат во јавноста, според кои Полска наводно има планови за воспоставување контрола врз западните делови на Украина.
Темата има историски контекст. Дел од денешните западни украински региони, меѓу кои Лвов, Тернопил и Ивано-Франковск, биле во состав на Втората Полска Република до 1939 година. По Втората светска војна дошло до промена на границите на Полска, а овие територии биле вклучени во составот на Украинската ССР.
Полското Министерство за надворешни работи нагласува дека официјалната политика на Варшава се заснова на признавање на постојните меѓународно признати граници и на целосна поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

