ЗИДАН СЕ ВРАТИ ВО ФРАНЦИЈА Легендата конечно седна на селекторската клупа
Француската легенда официјално ја презеде репрезентацијата и најави дека ќе даде сè од себе за нови успеси.

Фудбалската Федерација на Франција денеска свечено го претстави Зинедин Зидан како нов селектор на националниот тим. Легендарниот француски фудбалер, кој се смета за еден од најдобрите во историјата на овој спорт, конечно ќе седне на селекторската клупа на репрезентацијата со која како играч и капитен оствари големи успеси и освои значајни трофеи.
Зидан сега добива задача како тренер да го врати сјајот на „Триколорите“ и да ги предводи кон нови успеси. Франција не успеа да ја оствари посакуваната цел на последниот Мундијал, а сега очекувањата се насочени кон новата ера под водство на легендарниот 53-годишен стратег. На промоцијата, Зидан не го криеше задоволството што конечно ја презема функцијата за која, како што самиот откри, долго време сонувал.
„Ви благодарам на сите. Најпрво сакам да упатам порака за поддршка до пожарникарите и до сите кои се борат со пожарите. Ова е тежок момент и моите мисли се со нив. Им благодарам на федерацијата и на претседателот за довербата. За мене, ова е сон што се оствари. Во последните четири или пет години добив понуди од клубови, но ги одбив бидејќи мојата желба беше да ја водам само Франција. Тоа беше единственото нешто што сакав да го направам. Сега сум тука и ќе дадам сè од себе за да продолжиме да победуваме. Сакам да им честитам на Дешан и на целиот негов тим за сè што постигнаа. Сите сакаме да ја гледаме Франција како победува, а јас ќе ја вложам целата своја енергија во овој тим“, изјави Зидан.

