САМО 1% КАМАТА Обезбедени 10,1 милиони евра за откуп на ориз и грозје „вранец“
Владата активира 793,4 милиони денари преку Развојната банка, а кредитите ќе имаат грејс-период до три месеци и без еднократна провизија за управување.

Владата донесе одлука со која се менуваат и дополнуваат условите за користење на средствата од компензационите фондови, со што постојната кредитна линија преку Развојната банка добива конкретна намена – финансирање на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата „вранец“.
Како што соопштија од Владата, одлуката е донесена пред почетокот на главниот период на откуп, кога компаниите имаат потреба од значителни финансиски средства за преземање на земјоделските производи, додека приходите од нивната продажба или преработка се очекуваат подоцна.
„Со овој инструмент создаваме финансиска основа откупот да се одвива навремено, а предадениот род да биде исплатен во утврден рок“, велат од Владата.
За оваа намена се активираат расположливи средства од постојната кредитна линија, како и слободни средства со кои управува Развојната банка. Вкупниот износ што е на располагање е 793.481.723 денари, односно околу 10,1 милиони евра. Од средствата, 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, додека 553.481.723 денари ќе бидат достапни за откуп на винско грозје од сортата „вранец“.
Барањата за кредитите ќе се разгледуваат според редоследот на нивното пристигнување. Максималниот кредит за откуп на грозје „вранец“ ќе изнесува до 130 милиони денари, додека за откуп на оризова арпа ќе може да се одобри кредит до 30 милиони денари. Рокот за отплата на кредитите за оризова арпа е до шест месеци, а за грозјето до девет месеци. За двете намени е предвиден грејс-период до три месеци, со квартална отплата.
Каматната стапка ќе биде фиксна и ќе изнесува еден процент годишно, без еднократна провизија за управување со кредитот.

