СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО ЈАПОНИЈА Десетици вработени се водат како исчезнати

Земјотресот со магнитуда од 7,1 степен предизвика прекин на електричната енергија за повеќе од 46.000 домаќинства.

СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО ЈАПОНИЈА Десетици вработени се водат како исчезнати
Фото: Принтскрин

Меѓу 20 и 30 вработени се водат како исчезнати откако дел од трговски центар во Кумамото, на југот на Јапонија, се урнал по експлозија предизвикана од силниот земјотрес што го погоди регионот. Информацијата ја објави јапонскиот јавен радиодифузен сервис NHK, повикувајќи се на полициски извори. Полицијата сè уште проверува дали исчезнатите лица се наоѓаат во урнатата зграда. Повеќето посетители биле евакуирани веднаш по земјотресот, но спасувачките екипи продолжуваат да проверуваат дали има и други исчезнати лица.

На местото на несреќата пристигнале пожарникари и спасувачки екипи. Сепак, поради сериозните оштетувања на објектот, нивниот пристап до зградата е отежнат, што дополнително ги усложнува спасувачките операции. Земјотресот го погоди Кумамото во вторник, а според Јапонската метеоролошка агенција, бил со магнитуда од 7,1 степен. Епицентарот бил на длабочина од околу 10 километри, а потресот достигнал највисоко ниво на јапонската скала на сеизмички интензитет.

По земјотресот, повеќе од 46.000 домаќинства останале без електрична енергија, соопшти компанијата „Кјушу Електрик Пауер“. Бројот на домаќинства без струја постепено се намалува, додека екипите за итни интервенции работат на целосно нормализирање на снабдувањето. Во меѓувреме, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нуклеарната централа Сендај, која се наоѓа на околу 100 километри од епицентарот, не претрпела оштетувања. Информацијата е потврдена врз основа на податоци од Јапонскиот орган за регулирање на нуклеарната енергија.

Јапонија и натаму ги чувствува последиците од големиот земјотрес од 2011 година, кој предизвика разорно цунами и тешко ја оштети нуклеарната централа Фукушима, предизвикувајќи една од најтешките нуклеарни катастрофи во историјата.

CATEGORIES
Share This