ТРАМП СО НОВА НАЈАВА ЗА УКРАИНА Оптимист дека ќе се постигне мировен договор
Американскиот претседател и неговиот тим се решени да одиграат конструктивна улога во преговорите, додека од Москва порачуваат дека се подготвени за мирно решение, но и дека имаат капацитет за продолжување на воената операција.

Американскиот претседател Доналд Трамп е оптимист дека постои можност за постигнување мировен договор со кој би се ставил крај на конфликтот во Украина, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименуван американски функционер.
„Трамп е оптимист дека може да се постигне мировен договор“, изјавил изворот за весникот.
Тој додава дека претседателот и неговиот тим се решени да имаат конструктивна улога во напорите за изнаоѓање решение за конфликтот.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин на 28 јуни изјави дека Москва очекува продолжување на дијалогот со Вашингтон за прашањето поврзано со Украина, откако ќе се стабилизира ситуацијата околу Иран. Путин тогаш порача дека Русија е подготвена да ги продолжи преговорите и да разговара за сите прашања и детали што ќе бидат отворени во рамките на идните средби.
Од Кремљ, пак, портпаролот Дмитриј Песков неодамна истакна дека Москва останува подготвена за мирно решавање на конфликтот во Украина, но истовремено има доволно ресурси и капацитети за продолжување на воените операции.

