ОВА НЕМА ДА СЕ СЛУЧИ Мицкоски со јасна порака за уставните измени

Премиерот порача дека е подготвен за разговори, но не прифаќа „инстант решенија“ и двојни стандарди на патот кон ЕУ.

ОВА НЕМА ДА СЕ СЛУЧИ Мицкоски со јасна порака за уставните измени
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во поткастот „Риштази“ со Назим Рашиди порача дека уставните измени нема да се случат во формата во која моментално се бараат, но истакна дека е подготвен да разговара со сите страни за да се најде одржливо решение.

„Јас сум подготвен да разговарам со секого и секаде. Не сум секундант за да ви кажам до кога. Додека е потребно за да се најде решение кое ќе биде одржливо и кое ќе нè однесе до крајната цел“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека во процесот на европската интеграција мора да се почитуваат принципи и дека тие треба да важат подеднакво за сите. Според него, додека од Македонија се бара да ги исполни преземените обврски, Бугарија не ги почитува обврските поврзани со пресудите на Европскиот суд за човекови права во однос на македонската заедница во Бугарија.

„Тоа се двојни стандарди и непринципиелна политика. Тоа нема никаква врска со Копенхашките критериуми, ниту со вредностите на ЕУ“, истакна премиерот.

Мицкоски порача дека принципите не можат да се применуваат селективно и дека она што важи за едната страна треба да важи и за другата.

„Ова не е шведска маса, па ова ми одговара, а тоа не ми одговара. Ова се принципи. Колку си играте со принципите, толку тежите како човек. Ако правите компромис со принципите тогаш кога вам ви одговара, ја губите својата специфична тежина“, рече тој.

Премиерот посочи дека стратешка цел на Владата останува членството во Европската Унија, но дека не сака процесот да се сведе на уште едно привремено решение или ново отстапување без гаранција за крајниот резултат.

„Кога ќе имаме на маса решение кое ќе нè однесе да бидеме дел од ЕУ, тогаш сме подготвени да разговараме. Не сме подготвени за инстант, временски решенија со кои само ќе го отпочнеме процесот кон членство“, нагласи Мицкоски.

Тој потсети дека во минатото на Македонија ѝ биле дадени уверувања дека со исполнувањето на одредени услови брзо ќе напредува кон членство во ЕУ, но, како што рече, тие очекувања не се оствариле.

„Ми велеа само да го смените името и веднаш ќе станете дел од НАТО, ќе ги почнете преговорите и бидејќи сте најдобри во клубот, за четири-пет години ќе станете членка на ЕУ. Тие четири-пет години поминаа пред три години, а ние сме уште на истото место каде што бевме пред да го смениме уставното име“, рече премиерот.

Мицкоски додаде дека Владата ќе продолжи со спроведување на реформската агенда и подобрување на условите за живот, додека паралелно ќе продолжи да бара решение што, според него, ќе обезбеди реален напредок кон полноправно членство во ЕУ.

CATEGORIES
TAGS
Share This