ГОСТИВАРЦИ СÈ УШТЕ НЕ СМЕАТ ДА ЈА ПИЈАТ ВОДАТА ОД ЧЕШМА Редиците за флаширана вода не се намалуваат
По десетдневната забрана, водата од гостиварскиот водовод може да се користи за лична и домашна хигиена, но и понатаму не е безбедна за пиење и подготовка на храна.

По десетдневната забрана, од денеска водата од гостиварскиот водовод може да се користи за лична и домашна хигиена, но сè уште не е дозволена за пиење и подготовка на храна.
Од чешмите во Гостивар денеска тече техничка вода, за која надлежните информираат дека во последните анализи не е утврдено присуство на колиформни бактерии. Сепак, контролите продолжуваат, а засега нема прецизна информација кога водата ќе биде прогласена за безбедна за пиење.
Состојбата на теренот покажува дека граѓаните сè уште немаат целосна доверба во водата од градскиот водовод. На пунктовите за снабдување и денеска имаше редици, бидејќи гостиварци продолжуваат да се снабдуваат со флаширана вода. Дел од граѓаните велат дека, и покрај најновите информации, нема да ја користат водата од чешма за пиење поради страв и претпазливост.
Од Министерството за здравство информираа дека во текот на вчерашниот ден лекарска помош побарале 127 лица со симптоми на ентероколит, кои првпат се јавиле на преглед.
Додека водата од градскиот водовод не биде официјално прогласена за безбедна за пиење и подготовка на храна, за жителите на Гостивар останува неопходно да користат флаширана вода.


