ПРОМЕНА НА СВЕТСКИТЕ ПАЗАРИ Нафтата нагло поевтини по затишјето меѓу САД и Иран

Инвеститорите ги намалија стравувањата од нова ескалација, додека Вашингтон и Техеран привремено ги запреа нападите.

ПРОМЕНА НА СВЕТСКИТЕ ПАЗАРИ Нафтата нагло поевтини по затишјето меѓу САД и Иран
Фото: Национал

Привременото намалување на тензиите меѓу САД и Иран предизвика значителен пад на цените на нафтата на светските берзи. По вториот последователен ден без нови воени напади во регионот на Персискиот Залив, инвеститорите ги намалија стравувањата од натамошна ескалација на конфликтот.

Висок ирански функционер за „Ројтерс“ изјави дека Иран ќе ги прекине своите напади доколку истото го направат и САД. Ова следува откако Вашингтон привремено ја запре воздушната кампања против Иран, откако советниците на претседателот Доналд Трамп процениле дека остануваат со ограничен број цели и предупредиле на можно исцрпување на американскиот воен арсенал.

По 13 ноќи на интензивни американски воздушни напади врз Иран, Пентагон ја прекина кампањата доцна во петокот. Во саботата и неделата не беа пријавени нови американски напади. Иран, кој во изминатиот период одговараше со напади врз соседни земји каде што се распоредени американски воени бази, исто така не изврши нови напади.

Нафтените пазари веднаш реагираа на затишјето. Цената на фјучерсите на суровата нафта „Брент“ падна за 3,96 долари, односно 4,1 процент, на 92,82 долари за барел, откако во еден момент се спушти и под границата од 90 долари. Американската нафта ВТИ се тргуваше по цена од 85,29 долари за барел, што претставува пад од 4,02 долари или 4,5 проценти.

Двата референтни договори се најдоа на најниско ниво во речиси една недела, по тринеделен период на раст на цените.

Претходно, цената на „Брент“ достигна и 100 долари за барел, откако конфликтот сериозно го наруши транспортот на нафта преку Ормускиот теснец, а последиците се проширија и кон Црвеното Море. Тоа дополнително го отежна извозот на нафта од Саудиска Арабија кон азиските пазари преку теснецот Баб ел-Мандеб.

Амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Валц, изјави за „Фокс њуз Сандеј“ и други американски медиуми дека претседателот Доналд Трамп одлучил да ги паузира нападите за да се отвори простор за дипломатски напори.

Аналитичарите оценуваат дека падот на цените на нафтата е првиот посериозен сигнал дека пазарите гледаат можност за деескалација на конфликтот.

„Цените на нафтата нагло паднаа во раното тргување, бидејќи САД и Иран се воздржаа од понатамошни воени дејствија, што претставува прв опиплив знак за можна деескалација на тензиите“, оценуваат аналитичарите.

CATEGORIES
Share This