МРЕЖА ОД 140 ИЛЈАДИ СЛЕДБЕНИЦИ Кој стои зад македонските „медиуми“ чии траги водат кон Бугарија
Речиси 140 илјади следбеници, повеќе портали и скриени сопственици – истражување посочува на мрежа што преку провокативни содржини ги разгорува темите за односите меѓу Македонија и Бугарија.

Повеќе интернет-портали и Фејсбук-страници на македонски јазик, кои визуелно и содржински се претставуваат како домашни медиуми, според истражувањето на „360 степени“, се поврзани со бугарската „Фондација Македонија“, предводена од Виктор Стојанов.
Станува збор за мрежа од Фејсбук-страници чии сопственици не се јавно достапни, согласно правилата на платформата, а кои споделуваат содржини од шест интернет-портали, од кои пет се регистрирани во Македонија.
Според „360 степени“, овие страници заедно имаат речиси 140 илјади следбеници на Фејсбук. Најголемиот дел од објавите се однесуваат на вообичаени дневнополитички и информативни теми, но дел од содржините се пласираат со провокативни наслови, особено кога станува збор за односите меѓу Македонија и Бугарија, како и за меѓуетничките односи во земјава.
Ваквиот начин на пласирање на содржините предизвикува бројни реакции и полемики на социјалните мрежи. Во коментарите често се развиваат жестоки расправи, а во дел од случаите се појавуваат и навреди на национална основа и говор на омраза.
Според истражувањето, моделот на функционирање е сличен: провокативно насловена содржина поврзана со меѓудржавни или меѓуетнички односи се објавува на повеќе страници, по што следуваат бројни коментари и полемики кои неретко ескалираат.
Трагите, според „360 степени“, водат и до повеќе интернет-домени. Податоците достапни преку македонскиот интернет-провајдер МАРНЕТ покажуваат дека домените vestimak.mk и vestimk.mk се регистрирани од лице со име Александар Смиљков. Иако станува збор за две различни веб-страници, како контакт е наведена истата електронска адреса – vestimak.mk@gmail.com.
Други три домени – 24mk.mk, mk24.mk и utre.mk – според достапните податоци, ги регистрирало лице со име Асен Петровски. И кај овие страници е наведена иста контакт-адреса: v4vfoundation@yahoo.com.
Во своето истражување „360 степени“ потсетува и на информацијата од Јавното обвинителство објавена на 4 март 2026 година, според која е отворен предмет за сомнение за „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Обвинителството тогаш не го соопшти името на осомниченото лице, но во повеќе медиуми, повикувајќи се на неофицијални извори, беше објавено дека станува збор за Виктор Стојанов, основач на бугарската „Фондација Македонија“.
На прашање на „360 степени“, од Јавното обвинителство одговориле дека постапката сè уште е во тек, дека се обезбедуваат докази и се вршат вештачења.
Во меѓувреме, според неофицијални извори цитирани во истражувањето, повеќе од 20 интернет-портали во Македонија се предмет на проверки од страна на МВР и АНБ поради сомневања поврзани со ширење говор на омраза.
Истражувањето отвора прашања за тоа кој стои зад мрежата на овие портали и Фејсбук-страници, како се координира нивното работење и која е целта на пласирањето на содржини што предизвикуваат меѓуетнички и меѓудржавни тензии.



