ВИНИСИУС ПРЕД ИЗНЕНАДУВАЧКИ ТРАНСФЕР Реал Мадрид бара замена, Арсенал подготвува милионска офанзива

Бразилецот влезе во последната година од договорот со Реал Мадрид, а преговорите за продолжување се во застој.

ВИНИСИУС ПРЕД ИЗНЕНАДУВАЧКИ ТРАНСФЕР Реал Мадрид бара замена, Арсенал подготвува милионска офанзива
Фото: Принтскрин

Иднината на Винисиус Жуниор повторно е една од главните теми во Реал Мадрид. Бразилскиот напаѓач влезе во последната година од актуелниот договор со клубот, а разговорите за продолжување на соработката сè уште не донеле конкретен резултат.

Според шпанска „Марка“, главната пречка во преговорите е финансиската страна. Винисиус наводно бара годишна плата од речиси 30 милиони евра нето, сума која би била блиска до онаа што ја заработува Килијан Мбапе. Реал Мадрид, сепак, засега не е подготвен да ги исполни неговите барања. Во меѓувреме, вниманието го привлече интересот на Реал за Јан Диоманде од РБ Лајпциг. Мадридскиот клуб веќе воспоставил сериозни контакти со германскиот клуб за да ги испита условите за евентуален трансфер на репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, чија цена би можела да достигне најмалку 100 милиони евра.

Интересот за Диоманде отвори низа прашања, со оглед на тоа што Реал Мадрид веќе располага со голем број квалитетни офанзивни играчи. Доколку клубот навистина се одлучи на ваква огромна инвестиција, се отвора можност дел од актуелниот состав да биде продаден. Токму тука повторно се појавува Винисиус. Реал Мадрид сè уште сака да го задржи Бразилецот, но неговата договорна ситуација и недостатокот на напредок во преговорите ја прават неговата иднина неизвесна.

Дополнителен притисок доаѓа од Англија. Според новинарот на „Атлетик“, Дејвид Орнштајн, Арсенал сериозно размислува за ангажман на Винисиус Жуниор. Иако меѓу двата клуба досега немало конкретни разговори, идејата за трансферот наводно има поддршка на сите нивоа во лондонскиот клуб. Арсенал би бил подготвен да разгледа трансфер со огромна финансиска вредност доколку се отвори можност за преговори. Реал Мадрид, пак, не сака да дозволи Винисиус да го напушти клубот без обештетување во 2027 година. Интересен детал е што Винисиус и Диоманде се застапувани од истата агенција – „Рок Нејшн“, што дополнително ги поврзува двете приказни.

Засега нема официјални преговори за трансфер на Винисиус, ниту пак Реал донел конечна одлука за Диоманде. Сепак, комбинацијата од нерешената ситуација со договорот на Бразилецот, неговата висока плата, интересот на Арсенал и потенцијалната инвестиција од 100 милиони евра за Диоманде создаваат сериозни прашања околу иднината на една од најголемите ѕвезди на Реал Мадрид.

Винисиус минатата сезона одигра 53 натпревари во сите натпреварувања, постигна 22 гола и забележа 14 асистенции. Според „Transfermarkt“, неговата моментална пазарна вредност се проценува на 140 милиони евра.

CATEGORIES
Share This