ПУТИН СО ВАЖНА ПОРАКА Ова во голема мера го одредува текот на Специјалната воена операција
Рускиот претседател порача дека професионалноста, храброста и вештините на морнарите имаат значајно влијание врз текот на воената операција.

Рускиот претседател Владимир Путин упати честитка по повод Денот на Воената и Морнаричката флота, истакнувајќи ја историската улога на руската морнарица во зајакнувањето на позицијата на земјата како голема поморска сила. Во видео-порака, Путин им оддаде признание на руските морнари, како и на сите оние кои низ историјата придонеле за развојот и славата на руската флота преку воени успеси, научни достигнувања и долгогодишна работа.
„Денес нашата земја ѝ оддава почит на својата храбра морнарица и на сите оние кои низ годините и епохите ја создаваа нејзината слава и со својата работа и научни достигнувања ѝ обезбедија на Русија статус на голема поморска сила“, порача Путин.
Тој нагласи дека Русија продолжува да ги развива своите поморски сили, додека професионалноста на морнарите и екипажите постојано се унапредува.
„Вештините на нашите морнари и морнарички екипажи, заедно со нивната цврстина, храброст и смелост, во голема мера го одредуваат текот на Специјалната воена операција денес“, истакна рускиот претседател.
Путин потсети и дека Русија е опкружена со 13 мориња, поради што, како што наведе, морнарицата има клучна улога во обезбедувањето на националната безбедност. Денот на руската морнарица се одбележува секоја година во последната недела од јули.


