ИЗДАВАТЕ АПАРТМАН ИЛИ СТАН ЗА ТУРИСТИ – УЈП испрати важно предупредување

Секој приход од краткорочно изнајмување подлежи на оданочување, а контролите ќе бидат насочени кон оние кои не ги исполнуваат обврските.

ИЗДАВАТЕ АПАРТМАН ИЛИ СТАН ЗА ТУРИСТИ – УЈП испрати важно предупредување
Фото: Национал

Во екот на летната туристичка сезона, кога значително се зголемува бројот на туристи, но и приходите од туристички услуги, Управата за јавни приходи (УЈП) спроведува координирани активности за поттикнување на доброволното исполнување на даночните обврски и обезбедување еднакви услови за сите учесници на пазарот.

Во фокусот се приходите што физичките лица ги остваруваат од краткорочно издавање сместувачки капацитети, како што се апартмани, станови, куќи, викендички и соби, но и други сезонски активности поврзани со туризмот.

Од УЈП информираат дека активностите опфаќаат објавување практични насоки за правилно пријавување на доходот, директна комуникација и поддршка за даночните обврзници, како и соработка и размена на информации со други државни и локални институции.

Дополнително, се спроведуваат анализи на ризик и насочени контроли, а преку медиумите и социјалните мрежи се реализира информативна кампања за навремено исполнување на даночните обврски.

Целта, како што посочуваат од Управата, не е само да се укаже на законските обврски, туку и да им се помогне на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат. Од УЈП нагласуваат дека доброволната даночна усогласеност е важна за фер конкуренција, еднакви услови на пазарот и поголема доверба во институциите.

УЈП потсетува дека секој приход остварен од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно важечките законски прописи и ги повикува сите лица кои остваруваат ваков доход навремено да ги исполнат своите обврски.

Воедно, Управата најавува дека ќе продолжи со ризично базирани анализи и контроли, со цел да се обезбеди еднаква примена на законите и да се спречи нелојалната конкуренција кон оние кои редовно и совесно ги исполнуваат своите даночни обврски.

„Со фер туристичка сезона и фер пријавување на приходите создаваме еднакви можности за сите и придонесуваме за одржлив развој на туризмот и економијата“, порачаа од УЈП.

CATEGORIES
Share This