МОЛК ОД ААВМУ Кој ги контролира „Арена М Премиум“ и зошто нема одговор за нивната регистрација

МТВ бара документи за реемитувањето на спортските канали, но од Агенцијата велат: „Одговорот нема да биде денеска“

МОЛК ОД ААВМУ Кој ги контролира „Арена М Премиум“ и зошто нема одговор за нивната регистрација
Фото: Принтскрин

Втор ден молк од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на прашањето на Македонската телевизија дали ќе ги достави на увид документите врз основа на кои операторите во Македонија ја реемитуваат програмата на „Арена М Премиум“. Од Агенцијата, на прашањето испратено по електронска пошта, кусо одговориле:

„Одговорот нема да биде денеска“.

Случајот отвора сериозни дилеми околу правниот и регулаторниот статус на каналите „Арена М1, М2 и М3 Премиум“. Од ААВМУ претходно тврделе дека трите програмски сервиси се официјално регистрирани во Србија и дека операторите во Македонија ги реемитуваат врз основа на договор со „Арена Спорт“ од Белград. Но, проверката на МТВ покажала дека каналите со овие називи не се евидентирани во регистарот на српскиот регулатор за електронски медиуми, ниту во официјалната база на Европската аудиовизуелна опсерваторија.

Оттука се поставува клучното прашање: ако овие канали не се регистрирани во Србија, врз која основа се реемитуваат во Македонија и кој ја проверува нивната легалност?

Дополнителна дилема е и тоа што програмата содржи голем број домашни реклами, а во реализацијата на преносите е ангажиран и кадар од Македонија. МТВ повикува на член 46 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и прашува дали ваквата поврзаност со македонскиот пазар и економија значи дека каналите треба да бидат под регулаторна надлежност на ААВМУ.

Се поставува и прашањето: каде е границата меѓу странски канал и нерегистриран домашен радиодифузер?

Доколку е доволно каналот да има седиште во друга држава, а истовремено да има ангажиран кадар во Македонија и да емитува домашни реклами, тогаш се отвора прашањето дали на истиот принцип би можеле да функционираат и други телевизии без да бидат регистрирани и регулирани како домашни медиуми. МТВ бара ААВМУ да ги објави документите и да одговори дали „Арена М Премиум“ функционира во согласност со законите.

Прашањето е од интерес и за гледачите, кои преку кабелски, ИПТВ и сателитски оператори плаќаат за овие програмски сервиси, но и за домашните телевизии кои плаќаат дозволи за работа и се соочуваат со конкуренција на пазарот. Одговор од ААВМУ засега нема. МТВ најавува дека ќе продолжи да истражува.

CATEGORIES
Share This