КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА НОБ Вечерва настапува на „Охридско лето“

Под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, оркестарот ќе настапи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА НОБ Вечерва настапува на „Охридско лето“
Фото: Принтскрин

Камерниот оркестар на Националната опера и балет вечерва ќе настапи на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.

Камерниот оркестар на НОБ е формиран во 2010 година и го сочинуваат истакнати музичари и солисти од Оркестарот на Националната опера и балет. Во изминатите години, оркестарот настапувал на повеќе значајни фестивали и концертни сцени во земјава и странство, меѓу кои „Штад Фест Виен“ во Виена и „Скопско лето“, како и на концерти во Бугарија и Австрија.

Под уметничкото раководство и диригентската палка на повеќе реномирани маестри, меѓу кои Саша Николовски-Ѓумар, Џанлука Мартиненги и Бисера Чадловска, оркестарот во своите концертни програми посветува внимание и на делата на македонските композитори.

На вечерашната концертна програма се дела од Џакомо Пучини, Бенџамин Бритн и Џовани Батиста Перголези. Публиката ќе има можност да го слушне и „Salve Regina“, во кое како солист ќе настапи сопранот Наде Талевска, како и композиции од македонските автори Ристо Аврамовски, Драган Шуплевски и Дамир Имери.

Маестра Бисера Чадловска е една од најистакнатите македонски диригентки. Дипломирала оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирала на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Таа е прв диригент на Националната опера и балет, а во текот на својата кариера настапувала со повеќе оркестри во регионот и Европа.

Чадловска има повеќегодишна соработка со фестивалот „Охридско лето“, каде во 2021 година го диригираше свеченото отворање. Во периодот од 2022 до 2024 година ја извршуваше и функцијата музички селектор на фестивалот.

CATEGORIES
Share This