МАКЕДОНСКИ ФИЛМ СО ГОЛЕМ МЕЃУНАРОДЕН ПРОБОЈ „Нема да ви се верува што се случи претходно“ во официјална конкуренција во Олденбург
Дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ ќе ја има светската премиера на престижниот фестивал, познат како „Европскиот Санденс“.

Значаен меѓународен успех за македонската кинематографија – филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско режисерско остварување на Срѓан Јаниќијевиќ, ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург. Фестивалот официјално потврди дека филмот, кој на меѓународната сцена ќе биде претставен под насловот „You Won’t Believe What Happened Before“, е избран во официјалната конкуренција и ќе се натпреварува за фестивалските награди.
Овогодишното издание на фестивалот ќе се одржи од 16 до 20 септември 2026 година. Повеќе од три децении, Олденбург важи за една од најзначајните европски платформи за независна кинематографија. Во филмските кругови често е нарекуван „Европскиот Санденс“, додека „The Hollywood Reporter“ го опишува како водечки германски фестивал на независниот филм и една од задолжителните станици на европската фестивалска сцена.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, кој ги отвора прашањата за борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество каде политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Приказната следи двајца новинари кои се вовлечени во светот на корупцијата, злоупотребата на моќта, политичката хипокризија и скандалите. Во таква средина, секој обид за откривање на вистината отвора нови морални дилеми и носи сериозни лични последици.
Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, додека сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, извршен продуцент е Сашо Пешев, а продукцијата ја потпишуваат „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.
Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од клучните прашања што го поставува филмот е колку човек може да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците. Сценаристот Сашо Кокаланов, пак, посочува дека филмот не се обидува да понуди целосна слика за македонското новинарство, туку преку конкретната приказна отвора пошироки прашања за односот меѓу медиумите, политиката и општеството.
Со изборот во официјалната конкуренција во Олденбург, филмот своето меѓународно фестивалско патување ќе го започне на платформа препознатлива по поддршката на независната кинематографија, бескомпромисните авторски гласови и дебитантските филмски остварувања. Главната фестивалска награда, „German Independence Award – Best Film“, се доделува за најдоброто независно долгометражно остварување, а фестивалот доделува и признанија за режисерска храброст, оригиналност, најдобар дебитантски филм и актерски достигнувања.


