АКО ПЛАЌАТЕ КИРИЈА, ЌЕ ВИ ТРЕБААТ РЕЧИСИ 84.000 ДЕНАРИ Новата синдикална кошница открива колку навистина чини животот во Македонија

Најголем дел од месечниот буџет и понатаму оди за храна и пијалаци, за што едно четиричлено семејство треба да издвои над 25.000 денари.

АКО ПЛАЌАТЕ КИРИЈА, ЌЕ ВИ ТРЕБААТ РЕЧИСИ 84.000 ДЕНАРИ Новата синдикална кошница открива колку навистина чини животот во Македонија
Фото: Национал

Вредноста на синдикалната минимална кошница за јули 2026 година изнесува 68.498 денари, што претставува намалување од 156 денари во однос на јуни, кога изнесуваше 68.654 денари, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Доколку во пресметката се вклучи и трошокот за изнајмување стан од 60 квадратни метри, вкупната вредност на минималната синдикална кошница достигнува 83.873 денари.

Најголем дел од месечните трошоци и понатаму отпаѓаат на храна и пијалаци, за што едно четиричлено домаќинство треба да издвои 25.012 денари, односно 36,5 проценти од вкупната вредност на кошницата. Според структурата на трошоците, за образование се потребни 7.192 денари (10,5%), за облека и обувки 6.511 денари (9,5%), а за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.379 денари (9,3%).

За рекреација и култура се предвидени 5.592 денари (8,2%), за транспорт 5.041 денари (7,4%), додека за ресторани и хотели се потребни 4.131 денари (6,0%). За комуникации се издвојуваат 3.677 денари (5,4%), за лична и хигиена во домот 2.667 денари (3,9%), за здравје 1.196 денари (1,7%), а за останати стоки и услуги 1.100 денари (1,6%).

Податоците на ССМ покажуваат дека, и покрај благото месечно намалување на вредноста на кошницата, трошоците за основните животни потреби и понатаму остануваат значително финансиско оптоварување за голем дел од домаќинствата во земјата.

CATEGORIES
Share This