ГОСТИВАР ПОД АЛАРМ Над 300 прегледи за 24 часа, се чека одлука за епидемија

За само 24 часа во болницата се извршени стотици прегледи, се испитуваат вода, примероци и можните извори на инфекција.

ГОСТИВАР ПОД АЛАРМ Над 300 прегледи за 24 часа, се чека одлука за епидемија
Фото: Принтскрин

Министерството за здравство информира дека здравствените институции продолжуваат со интензивно следење на состојбата во Гостивар, каде што во последниот период е регистриран зголемен број лица со симптоми на гастроентероколит.

Во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар биле извршени вкупно 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три пациенти биле задржани на болничко лекување. На Педијатриското одделение биле прегледани 140 деца, од кои 105 биле нови случаи, а 35 на контролен преглед. Дополнително, девет лица побарале помош во Ургентниот центар.

Од Министерството посочуваат дека кај најголем дел од пациентите клиничката слика е лесна и дека бројот на хоспитализирани лица е низок. Сепак, поради брзото зголемување на бројот на заболени во краток временски период, случајот се третира како активен епидемиски настан.

Епидемиолошките тимови на Центарот за јавно здравје во Гостивар, ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје спроведуваат теренски проверки, анкети со заболените и собирање податоци за утврдување на можниот извор на заразата.

Досега се доставени околу 140 официјални пријави за заразна болест, кои се анализираат од надлежните институции. Во истрагата е вклучен и Институтот за јавно здравје, кој обезбедува стручна и лабораториска поддршка, вклучително и микробиолошко испитување на земените примероци.

Од Министерството информираат дека, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, одлуката за евентуално прогласување епидемија ја носи Центарот за јавно здравје Тетово. По завршување на теренските увиди и обработката на податоците, денес се очекува соодветна одлука.

Во моментов се спроведуваат активности за:

  • епидемиолошко следење на новите случаи;
  • лабораториски анализи на примероци од пациенти;
  • испитување на водата и можните извори на зараза;
  • контрола на водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови;
  • координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните власти.

Министерството апелира граѓаните да ги почитуваат препораките за лична хигиена, редовно да ги мијат рацете и навремено да побараат лекарска помош доколку имаат симптоми како повраќање, дијареја, температура или знаци на дехидратација.

Надлежните институции најавуваат дека јавноста ќе биде континуирано информирана за резултатите од анализите, бројот на заболени и евентуалните дополнителни мерки.

МАСОВНО ТРУЕЊЕ ВО ГОСТИВАР Над 1.200 лица побарале помош, под истрага водоводниот систем

CATEGORIES
Share This