МАСОВНО ТРУЕЊЕ ВО ГОСТИВАР Над 1.200 лица побарале помош, под истрага водоводниот систем
Стотици граѓани, меѓу кои околу 100 деца, со симптоми на повраќање, дијареја и температура. Забранета употребата на водата за пиење, надлежните трагаат по причината.

Над 1.200 лица во изминатите денови побарале лекарска помош поради стомачни тегоби во Гостивар, додека надлежните институции продолжуваат со истрагата за причините за масовното заболување. Од гостиварската болница информираат дека најголемиот број пациенти се со слични симптоми – повраќање, дијареја, болки во желудникот и покачена температура. Само синоќа околу 260 лица, меѓу кои стотина деца, се јавиле на Инфективното одделение и на Педијатрија. Три деца се задржани на понатамошно лекување.
Агенцијата за храна и ветеринарство донесе забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем, поради сомневање дека е загадена и претставува ризик за здравјето на граѓаните. Од Секторот за внатрешни работи Тетово соопштија дека постојат сомневања дека одредени активности на јавното претпријатие „Комуналец“ и на Општина Гостивар можеби довеле до загрозување на здравјето на населението.
Министерот за здравство Сашо Клековски, по посетата на гостиварската болница, изјави дека засега нема да биде прогласена епидемија, сè додека не се утврди точниот причинител на заболувањата.
„Потребни се дополнителни епидемиолошки анкети за да се утврди кој е причинителот. Микробиолошката анализа ќе биде завршена утре“, изјави Клековски.
Тој апелира граѓаните да бидат внимателни со употребата на вода и храна, особено во периоди со високи температури.
Од гостиварската болница велат дека состојбата засега се контролира, а од Центарот за јавно здравје ги повикаа граѓаните да ги пополнуваат епидемиолошките анкети, кои се важни за утврдување на изворот на заразата. Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, посочи дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека здравствените проблеми кај граѓаните се предизвикани од водата од градскиот водовод.
„Причината мора да биде утврдена стручно и врз основа на релевантни анализи. Во однос на тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, информациите од ЈП „Комуналец“ укажуваат дека на посочената локација нема канализациска мрежа“, наведе Лимани.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се преземаат сите неопходни мерки и дека за случајот ќе има одговорност доколку се утврди пропуст.
„Шокантно е тоа што луѓе несовесно се однесуваат и го загрозуваат здравјето на граѓаните“, рече Мицкоски.
За случајот се води истрага под координација на јавен обвинител од Гостивар. Во неа се вклучени полицијата, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за животна средина.
МИСТЕРИЈА ВО ГОСТИВАР Над 1.200 заболени, водата под сомнеж, се чека клучниот одговор


