КОЧАНИ НЕ ЗАБОРАВА Родителите на загинатите во „Пулс“ одржаа 47. „Марш за ангелите“
Семејствата на жртвите и граѓаните порачаа дека случајот не е само судски предмет, туку борба за правда за 63-те загинати и 218-те повредени.

Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ и граѓани на Кочани денеска по 47. пат излегоа на протестниот „Марш за ангелите“, испраќајќи порака дека случајот не смее да се третира како обичен судски процес, туку како трагедија во која 63 животи беа насилно прекинати, а 218 лица беа повредени.
Маршот започна од Паркот на револуцијата, а продолжи до зградата на Општина Кочани, каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат, потоа до Државниот трудов инспекторат, Управата за јавни приходи, полициската станица и Основниот суд во Кочани.
Пред институциите, родителите и граѓаните упатија низа прашања за пропустите кои, според нив, придонеле за трагедијата.
„Пред Општината прашавме за пропустите и непостапувањата што го отворија патот кон трагедијата. Пред Државниот инспекторат за труд прашавме како е можно 13 години да нема ниту една контрола. Пред УЈП прашавме зошто по девет месеци јавноста сè уште чека одговори. Пред МВР прашавме зошто не беа заштитени животите“, изјави Александар Наунов пред судот во Кочани.
Тој побара одговорност од сите институции и лица кои, според обвинението, имале улога во случувањата пред трагедијата.
„Дали законите постоеја само на хартија, а не и во пракса? Дали вредеа фиктивните записници кои, според обвинението, го штитеа нелегалното работење, а не нашите деца?“, порача Наунов.
Тој се осврна и на улогата на обезбедувањето и сопственикот на објектот, прашувајќи дали профитот можел да биде поважен од човечките животи.
„Дали имотот и профитот вредеа повеќе од 63 човечки животи? Дали мирно се спие кога зад тие одлуки останаа 63 згаснати животи, 218 повредени и цел град завиен во црно?“, рече тој.
Пред судот, Наунов порача дека процесот не е само судење, туку тест за правдата и довербата во институциите.
„Не бараме пресуди под притисок. Бараме одлука заснована исклучиво на фактите, доказите, законот и совеста. Одлуката нема да ги врати нашите деца, но може да покаже дека во оваа држава никој не е над законот и дека човечкиот живот е највисока вредност“, истакна Наунов.
Родителите порачаа дека нивната борба продолжува со една цел, целосна вистина и правда, за трагедијата во „Пулс“ никогаш да не се повтори.


