ОД ПОЛИЦИСКА РАЦИЈА ДО ФИНАЛЕ НА МУНДИЈАЛ Неверојатната приказна за Славко Винчиќ кој ќе заработи 60.000 долари за финалето

Словенечкиот арбитар доби историска задача од ФИФА, а светските медиуми повторно го отворија случајот од 2020 година по кој беше ослободен без обвинение.

ОД ПОЛИЦИСКА РАЦИЈА ДО ФИНАЛЕ НА МУНДИЈАЛ Неверојатната приказна за Славко Винчиќ кој ќе заработи 60.000 долари за финалето
Фото: Принтскрин

Решавачкиот натпревар ќе се одигра утревечер на стадионот „МетЛајф“ во Њујорк, а Винчиќ ќе има помош од своите сонародници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ, кои ќе бидат негови асистенти. Според словенечкиот весник „Delo“, главниот арбитар за финалето би требало да добие околу 60.000 американски долари, додека неговата вкупна заработка за целиот Мундијал може да достигне околу 140.000 долари, без дополнителните бонуси и пресметки на ФИФА.

Самото учество на Светското првенство носи фиксна такса од 70.000 долари за судиите.

Винчиќ веќе има богато искуство на најголемите фудбалски сцени. Судеше на Европското првенство 2020, а во 2022 година беше главен судија на финалето во Лигата на Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Ренџерс. Две години подоцна го доби и финалето на Лигата на шампионите меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид. Словенецот беше дел од судиската екипа и на Евро 2024, каде го водеше полуфиналниот дуел меѓу Франција и Шпанија. Минатата година Винчиќ судеше и на Светското клупско првенство во САД, а ова ќе биде негово второ настапување на светскиот шампионат. На Мундијалот во Катар 2022 година судеше два натпревари.

Сепак, дел од светските медиуми повторно потсетуваат на еден настан од 2020 година, кога неговото име се најде во јавноста по полициска акција во Босна и Херцеговина. Винчиќ тогаш бил меѓу лицата приведени во рација на еден ранч во близина на Бијелина. Акцијата била поврзана со истрага против група лица, меѓу кои била и српската старлета Тијана Максимовиќ, позната како Тијана Ајфон, која подоцна се изјаснила за виновна по обвиненија поврзани со посредување во проституција. Сепак, против Винчиќ никогаш не било поднесено обвинение, а по распитот бил ослободен.

„Тоа беше мојата најголема грешка“, изјави тогаш словенечкиот судија, објаснувајќи дека на локацијата пристигнал по покана од деловни партнери.

„Случајно се најдов на овој ранч. Бев во Босна и Херцеговина на деловен состанок и прифатив покана за ручек, што се покажа како голема грешка“, рекол Винчиќ.

Тој категорично ги отфрли сите поврзувања со лицата кои биле предмет на истрагата.

„Немам никаква врска со групата што беше уапсена. Бевме испрашувани како сведоци и кога се утврди дека не ги познаваме тие лица, бевме ослободени“, изјави тој.

Во негова одбрана тогаш застана и Здружението на фудбалски судии на Словенија, од каде посочија дека против Винчиќ не била поведена никаква постапка. Шест години подоцна, тој настан останува единствената поголема контроверза поврзана со неговото име. Во меѓувреме, Винчиќ изгради репутација како еден од најдобрите европски арбитри. Во 2024 година го судеше финалето на Лигата на шампионите, а сега доби доверба од ФИФА за најголемиот натпревар во светскиот фудбал – финалето на Светското првенство.

(ВИДЕО) ШОК, ТРЕСЕЊЕ И НЕВЕРУВАЊЕ Винчиќ откри како дознал дека ќе го суди финалето на Мундијалот

CATEGORIES
Share This