18 ЈУЛИ 1967 – Денот кога МПЦ ја прогласи својата автокефалност
На Третиот црковно-народен собор во Охрид во 1967 година беше донесена одлуката што го означи почетокот на новата ера за Македонската православна црква, по долгогодишната борба за обновување на Охридската архиепископија.

На 18 јули 1967 година, во Охрид, на Третиот црковно-народен собор, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква донесе историска одлука за прогласување автокефалност на МПЦ, како наследничка на обновената Охридска архиепископија. Одлуката ја објави новоизбраниот архиепископ охридски и македонски г. Доситеј, со световно име Димитрија Стојковски, кој стана прв поглавар на автокефалната Македонска православна црква. По него, на чело на МПЦ беа архиепископите Ангелариј (Цветко Крстевски), Гаврил (Ѓорѓи Милошевски), Михаил (Методи Гогов) и Стефан (Стојан Велјановски).
Патот до прогласувањето на автокефалноста траеше повеќе од две децении и беше исполнет со бројни црковни и политички преговори.
Иницијативите за обновување на Охридската архиепископија започнаа уште за време на Народноослободителната борба. Во 1944 година, во селото Врановци бил формиран Иницијативен одбор за организирање на Македонската православна црква. Во јануари 1945 година, одборот испратил писмо до Светиот архијерејски синод на Српската православна црква со барање за разгледување на иницијативата.
На 4 март 1945 година во Скопје бил одржан Првиот црковно-народен собор, на кој била донесена резолуција за обновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква. Делегатите ја изразиле желбата за создавање самостојна црковна организација која ќе ги обедини православните верници во Македонија.
Во следните години продолжиле разговорите со СПЦ, но без конечен договор. Српската црква не ги прифатила барањата за целосна црковна независност, додека македонската страна инсистирала на обновување на историската Охридска архиепископија.
По повеќегодишни преговори, од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид се одржал Вториот македонски црковно-народен собор. На него била донесена одлука за обновување на Светиклиментовата Охридска архиепископија во форма на Македонска православна црква, а за нејзин прв архијереј бил избран г. Доситеј.
Во 1959 година, СПЦ ја признала самостојноста на МПЦ, но таа останала во канонско единство со Српската православна црква преку нејзиниот патријарх. Истата година била извршена и хиротонија на нови македонски владици, а бил конституиран и Светиот синод на МПЦ.
Во 1962 година, за време на посетата на патријархот московски Алексиј во Македонија, било одржано историско архијерејско сослужување во Охрид, на кое учествувале патријархот на Руската православна црква, српскиот патријарх Герман и архиепископот Доситеј. Тоа било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други православни цркви.
Сепак, односите со СПЦ повторно се влошиле во 1966 година. По новите несогласувања, Светиот синод на МПЦ го свикал Третиот црковно-народен собор во Охрид.
На свечената седница на 18 јули 1967 година била прогласена автокефалноста на Македонската православна црква, а чинот бил потврден со Света архијерејска литургија на 19 јули во храмот „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид.
Децении подоцна, на 12 ноември 2009 година, МПЦ го додала називот „Охридска архиепископија“, истакнувајќи ја историската поврзаност со древната Охридска архиепископија.
Во 2022 година, по долгогодишниот црковен спор, Српската православна црква ја призна автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со што беше ставен крај на повеќедеценискиот спор околу нејзиниот канонски статус.


