МУ РЕКОВ ДЕКА ЌЕ СИ ЗАМИНАМ Ристоска откри што му кажала на Савески пред оставката

Обвинителката тврди дека повлекувањето на овластувањата ѝ го одзело правниот основ да постапува по „Талир 2“, додека Савески останува на ставот дека предметот ќе останел кај неа доколку не поднела оставка.

МУ РЕКОВ ДЕКА ЌЕ СИ ЗАМИНАМ Ристоска откри што му кажала на Савески пред оставката
Фото: Принтскрин

Обвинителката Ленче Ристоска реагираше на изјавите на државниот јавен обвинител Ненад Савески, истакнувајќи дека повлекувањето на овластувањата директно влијаело врз нејзината можност да постапува по предметот „Талир 2“.

Таа појасни дека, како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можела да постапува по предмети кои се во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок и по други предмети, но исклучиво врз основа на одлука на државниот јавен обвинител.

Според Ристоска, предметот „Талир 2“ не бил во надлежност на Канцеларијата за врски, туку таа постапувала по него токму по исклучок, врз основа на посебно овластување од државниот јавен обвинител. Со неговото повлекување, како што наведува, престанал и правниот основ за нејзиното постапување.

Ристоска открива дека лично го информирала Савески за својот став на состанок пред да ја поднесе оставката. Му посочила дека доколку ги повлече овластувањата за предметите по кои постапува, ќе поднесе оставка, при што ги образложила и причините за таквата одлука.

„Неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука, но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“, наведува обвинителката.

Нејзината реакција следува откако државниот јавен обвинител Ненад Савески ги отфрли критиките дека повлекувањето на овластувањата на Ристоска влијаело врз исходот на предметот „Талир 2“. Савески изјави дека повлечените овластувања се однесувале на постапување по предмети кои не биле во надлежност на обвинителите во рамки на нивното обвинителство, додека Ристоска, според него, во конкретниот случај била надлежен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.

Тој нагласи дека доколку Ристоска не поднела оставка, ќе продолжела да постапува по предметот „Талир 2“, па затоа, според него, повлекувањето на овластувањата не можело да биде причина за одземање на предметот. Савески додаде дека јавноста треба да ја слушне и „оваа страна од вистината“, оценувајќи дека оставката на Ристоска била нејзина лична одлука.

РИСТОСКА СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА „Талир 2“ бил преземен за да се спаси „Белата палата“ од конфискација

CATEGORIES
Share This