ХАОС КАЈ КАМЕНИТЕ КУКЛИ Даночни инспектори морале да бегаат по нападот

41-годишен британски државјанин е осомничен дека со камења ги нападнал даночните инспектори на локалитетот „Камени Кукли“ кај Кратово, по што обвинителството побара да му биде определен притвор.

ХАОС КАЈ КАМЕНИТЕ КУКЛИ Даночни инспектори морале да бегаат по нападот
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 41-годишен британски државјанин, осомничен за кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејствие, откако на локалитетот „Камени Кукли“ кај селото Куклица, Кратово, наводно ги нападнал даночните контролори кои извршувале службена контрола.

Според обвинителството, инцидентот се случил на 16 јули, кога двајца даночни контролори вршеле контрола во врска со претходно поставени обележја за привремена забрана за вршење дејност. Во текот на постапката, осомничениот почнал да фрла камења кон нив и кон службеното возило, поради што контролорите биле принудени да го напуштат местото без да ја завршат службената задача.

Поради тежината на настанот и останатите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека вчера во 12:29 часот полициски службеници од ОВР Кратово го привеле А.М.Б. (41) од Велика Британија.

„Тој во комплексот Куклица, кратовско, спречувал инспектори од Управата за јавни приходи кои извршувале службени дејствија. Лицето е приведено во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од МВР.

Надлежните институции продолжуваат со постапката, а за осомничениот ќе одлучува Основниот суд во Куманово по предлогот на обвинителството за определување притвор.

СУДОТ ПРЕСЕЧЕ: КРАЈ НА ХАОСОТ ВО КУКЛИЦА Познато што ќе се случи со ‘узурпаторите’

CATEGORIES
Share This