ВЛАДАТА ГИ ПОВИКУВА МАРКЕТИТЕ НА РАПОРТ Откриени зголемени маржи, следуваат нови мерки

По падот на инфлацијата, Министерството за економија најавува разговори со маркетите кај кои се утврдени зголемени маржи, додека синдикатите повторно побараа повисоки плати.

ВЛАДАТА ГИ ПОВИКУВА МАРКЕТИТЕ НА РАПОРТ Откриени зголемени маржи, следуваат нови мерки
Фото: Принтскрин

На денешната седница на Економско-социјалниот совет повторно беа отворени клучните прашања за животниот стандард, платите и состојбите во стопанството. Синдикатите побараа повисоки плати и подобар животен стандард за работниците, работодавачите посочија дека се соочуваат со недостиг на работна сила, додека Владата ја истакна потребата од посилно поврзување на образовниот систем со потребите на стопанството.

Министерот за економија изјави дека намалувањето на инфлацијата за 0,5 проценти во јуни е показател дека засилените контроли во маркетите и кај трговците дале резултат. Според него, Министерството за економија во соработка со инспекциските служби спроведува детална анализа на движењето на цените и маржите.

Тој најави дека во понеделник на состанок ќе бидат повикани претставниците на маркетите кај кои биле утврдени неоправдани зголемувања на маржите, со цел да им се укаже дека таквите практики се недозволиви. Анализата, која опфаќа меѓу 600 и 700 производи, е во завршна фаза. По нејзиното финализирање ќе се утврди каде во синџирот на снабдување се создаваат најголемите ценовни отстапувања.

Од Синдикатите повторно изразија незадоволство, оценувајќи дека работодавачите не покажуваат доволна подготвеност за конструктивен дијалог околу зголемувањето на платите. Од друга страна, претставниците на бизнис-заедницата порачаа дека очекуваат разговорите да продолжат во конструктивна атмосфера.

Министерот информираше и дека новата владина просечна потрошувачка кошница е веќе изготвена, но во моментов се врши усогласување на податоците со Државниот завод за статистика. По завршувањето на таа постапка, таа ќе почне официјално да се применува. Прашањето за потрошувачката кошница не беше ставено на дневниот ред на денешната седница на Економско-социјалниот совет, а според најавите, ќе биде разгледувано на следниот состанок.

Од Владата нагласуваат дека институциите остануваат во постојана комуникација со маркетите, трговците, производителите, добавувачите и увозниците. Целта на анализата е да се следи формирањето на цените во целиот синџир, од производителот до крајниот трговец со цел да се спречат неоправдани поскапувања и да се обезбеди поголема заштита на потрошувачите.

CATEGORIES
Share This