КИНА ЗАБАВУВА Економскиот мотор почна да губи сила
Растот на БДП забави на 4,3 проценти во вториот квартал, инвестициите опаѓаат, а Пекинг најавува нови мерки за поттикнување на потрошувачката и економската активност.

Кинеската економија забележа значително забавување во вториот квартал од годинава, покажуваат најновите податоци на Кинескиот завод за статистика. Растот на бруто домашниот производ (БДП) во периодот од април до јуни изнесуваше 4,3 проценти на годишно ниво, што е помалку од петте проценти остварени во првиот квартал.
И покрај забавувањето, економијата во првата половина од годината оствари раст од 4,7 проценти, со што засега останува во рамките на владината цел од 4,5 до пет проценти за целата година.
Најголемиот товар и понатаму го носи секторот за недвижности. Инвестициите во основни средства во периодот јануари–јуни се намалија за 5,7 проценти, а само инвестициите во недвижности паднаа за дури 18 проценти. Намалување е забележано и кај инфраструктурните инвестиции (-2,4 проценти) и индустриските инвестиции (-1,2 проценти). Дури и без секторот за недвижности, вкупните инвестиции се пониски за 2,7 проценти во споредба со истиот период лани.
Позитивен сигнал доаѓа од инвестициите во производи поврзани со интелектуалната сопственост, кои се зголемиле за 9,4 проценти, што укажува на продолжување на вложувањата во иновации и технологија.
Во првите шест месеци од годината, вкупната вредност на инвестициите достигна околу 22,64 трилиони јуани, односно приближно 3,33 трилиони американски долари.
И потрошувачката останува умерена. Вкупниот промет во малопродажбата пораснал за 2,7 проценти, при што услугите бележат раст од 5,5 проценти, додека продажбата на стоки за широка потрошувачка се зголемила за само 1,1 процент.
Во меѓувреме, реалниот расположлив доход на домаќинствата е повисок за 4,2 проценти во однос на истиот период минатата година, но тоа сè уште не се преточува во значително посилна потрошувачка.
Податоците покажуваат дека кинеската економија сè повеќе се потпира на домашната побарувачка како двигател на растот, додека слабите инвестиции и продолжената криза на пазарот на недвижности остануваат главни предизвици.
Свесен за овие ризици, кинескиот премиер Ли Ќијанг најави нов пакет мерки за поддршка на економијата, со фокус на поттикнување на домашната потрошувачка и инвестициите.
Економистите оценуваат дека доколку Пекинг сака да го задржи економскиот раст во рамките на планираниот опсег до крајот на годината, ќе биде неопходно дополнително стимулирање на потрошувачката, како и мерки за стабилизирање на секторот за недвижности, кој продолжува негативно да влијае врз пошироката економија.


