РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Откриено каде ќе се трошат средствата
Министерката за финансии вели дека приходите се реализираат според планот, а дополнителните средства ќе бидат насочени кон капитални инвестиции и развојни проекти.

Ребалансот на Буџетот за 2026 година носи повеќе средства за капитални проекти, исполнување на обврските од колективните договори и поддршка на развојните политики, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа во подкастот „Каде се парите“ посочи дека приходите во буџетот се реализираат според планираното, а зголемувањето на капиталните расходи е резултат на подобрената реализација на инфраструктурните и другите развојни проекти.
Според Димитриеска-Кочоска, при подготовката на ребалансот Министерството за финансии не се раководело само од буџетските параметри, туку и од потребите на граѓаните и институциите.
Министерката нагласи дека капиталните инвестиции не треба да се гледаат како обичен трошок, туку како вложување во економскиот развој, подобра инфраструктура и повисок животен стандард. Таа додаде дека поголемата ефикасност во спроведувањето на проектите овозможила зголемување на средствата наменети за капитални вложувања.
Во делот на приходите, таа информираше дека наплатата на даноците се движи во рамки на очекувањата, при што приходите од ДДВ и другите даночни извори бележат раст над потребното ниво за исполнување на годишните планови.
Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит, Димитриеска-Кочоска посочи дека неговото значење треба да се анализира преку односот со бруто-домашниот производ, а не само преку номиналната вредност, бидејќи тоа овозможува пореална споредба меѓу различни периоди.
Во однос на јавниот долг, министерката оцени дека довербата на меѓународните пазари е потврдена со успешното издавање на еврообврзницата со најниска историска маргина. Таа порача дека фискалната политика останува насочена кон зачувување на стабилноста и обезбедување средства за проекти кои треба да придонесат за долгорочен економски раст.
ВЛАДАТА ПРЕСЕЧЕ Милијарди повеќе во Буџетот, еве каде ќе завршат парите


