КРИЗА ГО ТРЕСЕ АВТОМОБИЛСКИОТ ГИГАНТ Фолксваген подготвува бран отпуштања од 100.000 луѓе
Компанијата разгледува драстично намалување на трошоците, помали инвестиции и можно затворање на неколку германски погони.

Германскиот автомобилски гигант Фолксваген размислува за нов, значително поширок бран на реструктурирање, кој би можел да донесе укинување на до 100.000 работни позиции, затворање на дел од фабриките во Германија и дополнително намалување на инвестициите, објави германскиот бизнис-портал „Менаџер Магазин“.
Според информациите на медиумот, извршниот директор на компанијата, Оливер Блуме, планира во следниот петгодишен период инвестициите да бидат намалени за околу 15 проценти, односно на нешто над 130 милијарди евра.
Во рамки на можниот план се разгледува и постепено прекинување на производството во неколку германски погони, меѓу кои фабриките во Хановер, Цвикау и Емден, како и производствениот капацитет на „Ауди“ во Некарсулм, откако актуелните модели ќе бидат повлечени од производните линии.
Доколку мерките бидат одобрени, тие би биле многу пошироки од актуелната програма за намалување на бројот на вработени за 50.000 лица. Тоа би претставувало и отстапување од договорот постигнат со синдикатите во 2024 година, со кој беше предвидено германските фабрики на компанијата да не бидат затворани во текот на оваа деценија.
Од Фолксваген засега не ги потврдуваат овие информации. Портпаролот на компанијата одбил да коментира за наводните „доверливи документи“, нагласувајќи дека сите можни одлуки ќе мора да бидат разгледани и одобрени од надлежните управни тела.
КРИЗА ВО ГЕРМАНСКАТА АВТО ИНДУСТРИЈА 100.000 работни места на удар


