МИЦКОСКИ СО ЖЕСТОКА ПОРАКА Ова не е случајност, некој го планираше
Мицкоски вели дека одредени политички фигури го користат моментот за промоција на неприфатливи ставови.

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МРТ по повод две години од работата на Владата оцени дека зад последните провокации во јавноста стои, како што рече, организирана бугарска кампања со цел промовирање на ставови кои се неприфатливи за македонските граѓани.
Мицкоски посочи дека во периодот кога Владата е фокусирана на реконструкција и реализација на своите приоритети, одредени политички фигури се обидуваат да го искористат просторот за да наметнат теми кои, според него, не се прифатливи.
„Ниски страсти и организирана кампања се забележуваат во овој период. Ние сме зафатени со реконструкцијата, а слободниот простор го користат еден или двајца политички ликови за промоција на нешто што никој не може да го прифати. Ова е поширок обид за влијание“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека во политиката малку верува во случајности и се повика на совет од искусен дипломат со кого разговарал пред години.
„Ако некогаш помислиш дека работите во политиката се случиле случајно, верувај дека не е така, туку само не си бил информиран што некој претходно планирал“, рече премиерот.
Во однос на односите со Бугарија, Мицкоски оцени дека бугарските политичари и понатаму се повикуваат на протоколите 1 и 2, кои предвидуваат продолжување на работата на историската комисија до пристапувањето на Македонија во Европската Унија.
Тој потсети и на изјави на бугарскиот премиер од 2019 година, поврзани со историски теми, додавајќи дека Македонија мора стратешки да ги разгледува сите чекори пред да преземе обврски.
„Кога ќе ставите потпис, мора да знаете на што ставате потпис и да ги предвидите можните предизвици. Кога некој ќе каже да го смениме Уставот, прашањето е што потоа. Нашата цел не е само да ја започнеме трката, туку да ја завршиме“, порача Мицкоски.
Според него, Владата ќе продолжи да бара решение преку, како што рече, мудрост, тактика и стратегија, со цел да се исправат, според него, погрешните чекори направени во минатото.


