ГОЛОВИ, ПРЕСВРТИ И ДРАМА Вчерашниот ден донесе вистински мундијалски спектакл
Групите Б и Ц добија епски расплет – познати првите патници во нокаут фазата.

Швајцарија и Канада обезбедија пласман во осминафиналето на Светското првенство, откако вчера ја затворија групната фаза со меѓусебниот дуел во кој европската селекција славеше со 2-1.
Во истата група, Босна и Херцеговина со победата од 3-1 над Катар остана во игра за продолжување на турнирот, иако како третопласирана ќе мора да го чека конечниот расплет за да дознае дали ќе биде меѓу најдобрите третопласирани селекции.
На натпреварот во Сиетл, БиХ одигра одлично прво полувреме и поведе со 2-0. Алајбеговиќ погоди во 29. минута, а само пет минути подоцна Катар си постигна автогол. Сепак, азиската селекција успеа да намали пред паузата преку Хајдос. Во продолжението Катар се обиде да стигне до израмнување, но Махмиќ во 80. минута го реши прашањето на победникот и донесе три важни бода за Босна и Херцеговина.
Швајцарија и Канада одиграа неизвесен дуел во Ванкувер. По првото полувреме без голови, Швајцарците направија клучен чекор кон победата со головите на Варгас во 49. и Манзамби во 57. минута. Канада успеа да врати надеж преку Промис во 76. минута, но до крајот не најде начин да избегне пораз. Со тоа Швајцарија ја освои групата Б со седум бодови, додека Канада заврши втора со четири.
Бразил ја освои групата Ц со убедлива победа од 3-0 против Шкотска и го одигра најубедливиот натпревар на турнирот досега. „Кариоките“ поведоа уште во 7. минута по голем кикс на шкотската одбрана, а стрелец беше Винисиус Жуниор. Истиот фудбалер постигна уште еден погодок, но тој беше поништен по интервенција на ВАР.
Сепак, Бразил ја зголеми предноста во судиското продолжение од првото полувреме, кога Винисиус со глава ја затресе мрежата по асистенција на Бруну Гимараиш. Конечниот резултат го постави Матеус Куња во 60. минута, а посебно внимание привлече враќањето на Нејмар, кој доби минути во завршницата и предизвика големо воодушевување кај навивачите.
Шкотска со само три бода го заврши настапот и речиси сигурно останува без нокаут фаза. За Шкотите продолжува долгата традиција на неуспеси на Мундијалите и никогаш досега не успеале да ја минат групната фаза.
Мароко обезбеди место во следната фаза по драматичната победа од 4-2 над Хаити.
Хаити двапати имаше предност, најпрво по автоголот на Боно, а потоа и по одличниот погодок на Вилсон Исидор. Сепак, Мароканците не се предадоа и до полувремето успеаја да израмнат преку Ашраф Хакими и Исмаил Саибари.
Клучниот момент се случи во 78. минута, кога Суфјан Рахими постигна гол за пресврт, а конечните 4-2 ги постави младиот Жесим Јасин во финишот. Со тоа Мароко заврши втор во групата Ц зад Бразил, а пласманот го обезбеди благодарение на подобрата гол-разлика.
Во осминафиналето Бразил ќе игра против второпласираниот тим од групата Ф, каде во конкуренција се Холандија, Јапонија и Шведска. Мароко ќе го очекува победникот од истата група. Конечниот расплет во групата Ф ќе биде познат по вечерашните натпревари меѓу Јапонија и Шведска, како и Тунис и Холандија.
Репрезентацијата на Мексико ја заврши групната фаза на Светското првенство со совршен учинок. Кодомаќинот на Мундијалот со убедливи 3-0 ја совлада Чешка во последното коло од Групата А и со три победи од исто толку натпревари го освои првото место. Мексиканците на целиот турнир не примија ниту еден гол, додека Чешка по трите одиграни натпревари остана со само еден освоен бод и го заврши настапот.
На преполниот стадион во Мексико Сити, пред повеќе од 80.000 навивачи, првото полувреме не понуди многу возбудувања, но продолжението донесе целосна доминација на домашната селекција. Резултатот го отвори 22-годишниот лев бек Матео Чавез во 55. минута, со фантастичен удар кој заврши во мрежата на Чешка. Само неколку минути подоцна, Хулијан Кињонес ја искористи мешаницата во шеснаесетникот и зголеми на 2-0. Конечниот резултат го постави Алваро Фидалго со мајсторски погодок од околу 15 метри, испраќајќи ја топката во самиот агол.
Натпреварот против Чешка беше симбол на смена на генерациите во мексиканскиот фудбал.
Седумнаесетгодишниот Хилберто Мора влезе во историјата како најмладиот играч кој стартувал на мундијалски натпревар за Мексико. Со 17 години и 253 дена, младиот играч за врска стана шестиот најмлад стартер во историјата на светските првенства. Мора блесна во второто полувреме, создавајќи проблеми за одбраната на Чешка и асистирајќи при вториот гол на Кињонес. При неговото излегување од игра, трибините го наградија со огромни овации.
Но, најемотивниот момент на вечерта се случи во 78. минута. Селекторот Хавиер Агире го испрати на терен легендарниот голман Гиљермо Очоа. Четириесетгодишниот „Мемо“ го запиша својот шести настап на светските првенства, израмнувајќи се со фудбалски величини како Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Неговиот излез од теренот беше проследен со силни емоции и овации од навивачите, во момент кој изгледаше како симболично збогување на една мексиканска фудбалска икона.
Пред почетокот на дуелот се случи и необична ситуација која привлече големо внимание. Патката Мерлин, познатата мексиканска амајлија на овој Мундијал, не доби дозвола да влезе на стадионот „Ацтека“. Иако беше облечена во мексикански дрес и имаше специјални обувки, организаторите не дозволија присуство на животното на трибините поради безбедносните правила. Сепак, Мерлин веќе стана национален симбол, а нејзината популарност стигна дури и до претседателската палата.
Покрај Мексико, во следната фаза од Групата А продолжува и Јужна Африка, која со 1-0 ја совлада Јужна Кореја и за првпат во историјата обезбеди пласман во нокаут-фазата. Јужноафриканците ќе играат против Канада во Лос Анџелес, додека Јужна Кореја со три бода останува да го чека расплетот во останатите групи во надеж дека ќе се најде меѓу најдобрите третопласирани селекции.
Мексико, пак, продолжува со совршен биланс и останува дома во Мексико Сити, каде на 30 јуни ќе го одигра натпреварот од 1/16-финалето против една од третопласираните репрезентации. Според моменталните пресметки, најверојатен противник е Шкотска.


