СОБРАНИСКИОТ ДУЕЛ НА ДЕНОТ Филипче удри по Владата, Мицкоски врати со жестока порака
Каде се резултатите?“ праша Филипче, а Мицкоски одговори со порака што одекна во салата.

Остра пресметка меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицијата Венко Филипче се случи на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
Филипче од собраниската говорница ја обвини Владата дека во изминатите две години не ги исполнила ветувањата дадени пред граѓаните, посочувајќи на економската состојба, инфлацијата, задолжувањата и иселувањето.
„Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, раст на платите, повеќе инвестиции, поддршка за земјоделците, иднина за младите и европски напредок. Наместо тоа, граѓаните добија поскап живот, празни паричници, партизирани институции, тендери и изолација“, рече Филипче.
Тој оцени дека Владата не реализирала ниту мал дел од програмата со која дошла на власт и праша кој е одговорен за, како што кажа, „изгубените две години“.
Одговарајќи на обвинувањата, премиерот Мицкоски порача дека резултатите на актуелната Влада се подобри од времето на СДСМ и ја насочи критиката кон поранешните функционери.
„Велите дека секој трет човек сака да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас како уживате, а не сте во затвор. Гледаат поранешни функционери на јахти, наместо да одговараат“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека граѓаните се разочарани од сликата што ја гледаат и вети дека неговата Влада, како што рече, нема да дозволи повторно да се создава чувство на неправда кај народот.


