ПОСЛЕДНИ 90 МИНУТИ ЗА СОНУВАЧИТЕ Кој ќе преживее, а кој ќе си оди дома
Курасао е на чекор од најголемата сензација во историјата на Мундијалите, додека Германија сака групата да ја заврши со перфектен учинок.

Групната фаза на Светското првенство 2026 продолжува со возбудливи пресметки, а денешната програма носи неколку натпревари со голем влог. Курасао ќе се обиде да приреди ново чудо против Брегот на Слоновата Коска, додека Германија сака со максимален ефект да ја заврши фазата по групи.
Група Е
Курасао – Брегот на Слоновата Коска (22:00 часот)
Брегот на Слоновата Коска влегува како голем фаворит во овој дуел, но Курасао веќе покажа дека не треба да биде потценет. Африканската селекција со освоен бод речиси сигурно ќе обезбеди место во следната фаза, но противникот има свои пресметки.
Тимот предводен од Дик Адвокат сонува за историски успех. Со победа би стигнал до четири бода и би се вмешал во борбата за второто место, под услов Еквадор да не успее да ја совлада Германија. Таков расплет би бил едно од најголемите изненадувања во историјата на Мундијалите.
Германија – Еквадор (22:00 часот)
Германија веќе обезбеди пласман во нокаут фазата, но „панцерите“ немаат намера да запрат и ќе атакуваат на третата победа во групата.
Еквадор, пак, е пред мисија „сè или ништо“. Само триумф го остава во игра за продолжување, но досегашните настапи не му одат во прилог. Јужноамериканците сè уште немаат постигнато гол на турнирот, што дополнително ја отежнува нивната задача.
Група Ф
Тунис – Холандија (01:00 часот)
Тунис е најразочарувачкиот тим во групата досега. По убедливиот пораз од Шведска со 5:1 следуваше промена на селекторската позиција, но ниту тоа не донесе подобрување, бидејќи потоа загубија и од Јапонија со 4:0.
Холандија има четири бода од првите два натпревари и влегува како огромен фаворит. Сè освен победа на „лалињата“ би било големо изненадување.
Јапонија – Шведска (01:00 часот)
Последниот дуел во групата Ф носи голема неизвесност. Шведска мора да освои најмалку еден бод за да продолжи понатаму, додека Јапонија веќе има обезбедено место во елиминациската фаза.
Со реми, Јапонија најверојатно ќе ја задржи втората позиција, додека победа би можела да ѝ донесе дополнителна надеж за првото место иако тоа ќе зависи и од резултатот на Холандија против Тунис и од гол-разликата.
Четири натпревари, многу калкулации и неколку селекции кои се борат за последната шанса – денешниот ден на Мундијалот носи нова доза фудбалска драма.


