ТРЕТ ПАТ СПАСЕН ВО СОБРАНИЕ, НО ЈА ГУБИ ПОДРШКАТА Еден детал од гласањето привлекува внимание

Иако и третата интерпелација не помина, министерот за внатрешни работи доби 12 гласа помалку отколку на расправата по трагедијата во Кочани.

ТРЕТ ПАТ СПАСЕН ВО СОБРАНИЕ, НО ЈА ГУБИ ПОДРШКАТА Еден детал од гласањето привлекува внимание
Фото: Принтскрин

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски стана редок случај на македонската политичка сцена и за само година и пол неговата работа беше предмет на дури три интерпелации во Собранието.

Иако ниту една од нив немаше реални шанси да биде изгласана поради стабилното владејачко мнозинство, секоја расправа отвораше простор за жестоки критики кон работењето на министерот. Во такви ситуации, партиските одбрани најчесто остануваат во сенка на обвинувањата и нападите од опозицијата.

Она што привлекува внимание е постепеното намалување на бројот на пратеници кои застануваат во негова одбрана. Причините можеби не се драматични, но бројките сами по себе се доволно интригантни.

Првата интерпелација беше иницирана во јануари 2025 година од ДУИ преку коалицијата „Европски фронт“. Тогаш опозицијата го обвини Тошковски за неуспешно справување со меѓуетничките тензии. Интерпелацијата доживеа убедлив пораз и против неа гласаа 63 пратеници, додека поддршка доби од само седуммина.

Само неколку месеци подоцна, по трагедијата во Кочани, следуваше нова интерпелација. На расправата одржана на 29 април 2025 година, беше истакнато дека министерот не покажал политичка и морална одговорност, бидејќи не понудил оставка по трагичниот настан. Тогаш Тошковски ја доби најсилната парламентарна поддршка и 70 пратеници гласаа против интерпелацијата, а 20 ја поддржаа.

Сликата беше поинаква на третата интерпелација. Овој пат обвинувањата се однесуваа на непотизам, судир на интереси, лично богатење, неспособност и партизација на Министерството за внатрешни работи.

Иако и оваа интерпелација не помина, бројот на пратеници кои застанаа зад министерот значително се намали. Против интерпелацијата гласаа 58 пратеници, а 19 беа „за“. Тоа е пад од 12 пратеници во споредба со поддршката што Тошковски ја доби по трагедијата во Кочани во април минатата година.

Интерпелациите не го загрозија неговиот мандат, но парламентарната математика покажува дека поддршката за министерот во Собранието постепено се топи и барем според бројот на пратеници кои се подготвени јавно да застанат во негова одбрана.

ЌЕ ГО ПРЕЖИВЕЕ ЛИ И ТРЕТИОТ УДАР Тошковски повторно пред интерпелација

CATEGORIES
TAGS
Share This