МАКСО ГО ГУБИ ПРАВОТО, ГО ЗЕМА НИВЈЕТО Еве кој ќе му биде министер за земјоделие
Преговорите за реконструкција на Владата влегуваат во завршна фаза, а партиите ги затвораат последните детали околу распределбата на ресорите.

Владините партнери на вчерашната координација начелно постигнале договор за дел од промените во Владата и распределбата на министерските позиции. Според информациите од преговорите, Министерството за здравство би преминало во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, додека коалицијата Вреди најверојатно ќе го преземе ресорот правда.
ВМРО-ДПМНЕ треба да го добие и ресорот евроинтеграции, кој досега го водеше кадар на Вреди, додека Вреди би требало да го преземе Министерството за спорт. Двете партии ќе направат и ротација на ресорите социјална политика и култура. Промени се најавуваат и во Министерството за односи меѓу заедниците, со кое моментално раководи вицепремиерот Иван Стоилковиќ. Неизвесно е дали тој ќе добие нова функција во Владата или ќе ја напушти извршната власт.
Вреди, според договореното, би ги задржало министерствата за економија и животна средина, кои не биле дел од преговорите за ротација. Иако инсистирале да го добијат ресорот образование, тоа барање наишло на несогласување и не било прифатено. Вицепремиерската позиција за добро владеење, исто така, треба да премине кај ВМРО-ДПМНЕ, а промена се очекува и кај министерот без ресор задолжен за одредени прашања, функција која сега ја извршува Шабан Салиу.
Доколку договорот биде финализиран меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, од Владата би заминале повеќе актуелни функционери. Меѓу нив се споменуваат Фатмир Лимани, Игор Филков и Арбен Фетаи, но и Борко Ристовски, Зоран Љутков, Азир Алиу и Цветан Трипуновски. Се очекува и ротација на актуелниот вицепремиер за европски прашања Беким Сали, додека за Иван Стоилковиќ сè уште нема конечна одлука. Од Вреди тврдат дека ресорот правда веќе е договорен за нив и дека имаат подготвен експерт кој би му бил предложен на премиерот како решение за министерската позиција.
Во меѓувреме, вечерва треба да продолжат разговорите меѓу тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Национал од владини извори дознава дека на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, би му бил понуден ресорот земјоделство како замена за Министерството за правда. Министерски кадар на партијата на Димитриевски за ресорот земјоделство би бил сегашниот Државен секретар во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски .
Да потсетиме, за партијата ЗНАМ веќе подолг период кружат оценки од дел од политичките аналитичари дека не е вистинска партија туку претставува крило на СДСМ, можеби со поизразена и поостра реторика. Според овие анализи, опстанокот на партијата во голема мера се поврзува со нејзиното учество во власта, додека евентуалното излегување или исклучување од владината коалиција би можело да ја доведе во слична позиција како некои поранешни сателитски партии кои со текот на времето исчезнаа од политичката сцена, како партијата на Тито Петковски, ПОДЕМ или партијата на Лазе Еленовски. Истовремено, аналитичари често потсетуваат дека лидерот на партијата, Максим Димитриевски, во периодот на владеењето на поранешниот премиер Зоран Заев давал поддршка за повеќе политики и одлуки на тогашната влада, како на пример, како пратеник гласал за Договорите со Бугарија и Грцијас, кои голем дел од македонскиот народ ги оценува како спротивни на националните интереси.


