ПОЧИНА ЈОВАН ПАВЛОВСКИ Еден од најзначајните македонски писатели и енциклопедисти

Поет, романописец, публицист и енциклопедист, Павловски повеќе од шест децении беше еден од највлијателните творци во македонската култура.

ПОЧИНА ЈОВАН ПАВЛОВСКИ Еден од најзначајните македонски писатели и енциклопедисти
Фото: Социјални мрежи

Денеска, 24 јуни 2026 година во Скопје почина Јован Павловски истакнат македонски писател, поет, раскажувач, романописец, публицист и енциклопедист, човек кој повеќе од шест децении остави длабока трага во македонската литература, новинарство и култура.

Роден е на 10 септември 1937 година во Тетово. Во текот на својот богат творечки пат создаде бројни дела од различни жанрови, а неговото име останува нераскинливо поврзано со развојот на современата македонска книжевност, публицистика и енциклопедистика.

Павловски беше долгогодишен новинар и уредник во „Нова Македонија“, каде што раководеше со повеќе рубрики, а работеше и како дописник од Париз и Москва. Од 1980 до 1986 година беше професор по теорија и практика на новинарството на Интердисциплинарните студии по новинарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година, Павловски трипати ја извршуваше функцијата претседател на Друштвото во периодите 1992–1994, 1994–1996 и 2007–2008 година. Беше и член на Македонскиот ПЕН центар.

Автор е на околу педесет книги, меѓу кои се бројни поетски збирки, романи, книги за деца и публицистички дела. Неговата поезија ја одбележаа збирките „Август“, „Медеја“, „Идентитет“, „Оксидирања“, „Строгоста на живеењето“ и други, додека неговата проза остави силен печат со романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, „Сок од простата“, „Проверка на слободата“ и „Град, години, луѓе“.

Неговиот прв роман „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ беше оценет како еден од првите македонски политички романи и донесе нови изразни и тематски насоки во македонската проза. Делото беше наградено со „Рациново признание“ и предизвика големо внимание кај книжевната јавност.

Особено значајно место во неговото творештво има романот „Сок од простата“, дело кое ја разбранува македонската книжевна сцена по објавувањето во 1990 година. Романот беше препознаен како едно од најоригиналните дела во современата македонска литература и како значаен пример за постмодернистичкиот пристап во прозата.

Павловски беше активен и како автор за најмладите. Неговите книги „Мишо ишо шо о“, „На сите светски страни само Ани, само Ани“, „Тевеѕирка“ и „Река-а-а!“ оставија трага кај генерации млади читатели.

Како публицист, тој ги потпиша значајните дела „Бев со нив“, „Гемиџиите“, „Судењата како последен пораз“, „Огнено семејство“ и низа други книги посветени на историски, општествени и национални теми.

Посебен придонес даде и во областа на енциклопедистиката. Беше главен уредник и соавтор на повеќе капитални изданија, меѓу кои „Личности од Македонија“, „Сто македонски години“, „Ми-анова енциклопедија, општа и македонска“ и други енциклопедиски проекти.

За својата работа Павловски доби голем број признанија и награди, меѓу кои „Рациново признание“, наградата „Стале Попов“, „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, „13 Ноември“ на град Скопје, „Крсте Мисирков“ за животно дело, „Климент Охридски“ за култура и уметност, како и Орден на Републиката со сребрени зраци.

Шеесетгодишното творештво на Јован Павловски го опфаќа книжевниот, новинарскиот и енциклопедискиот простор. Со своите дела, критичкиот дух и посветеноста кон македонската култура, тој останува запаметен како еден од најзначајните интелектуалци и автори на својата генерација.

CATEGORIES
Share This