МУЦУНСКИ УДРИ ДО СОФИЈА Јас ќе се извинев, ова не се прави ниту во војна
Министерот за надворешни работи побара објаснување од бугарскиот амбасадор по објавувањето на дипломатска нота со лични податоци поврзани со семејството на премиерот.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го повикал бугарскиот амбасадор во Македонија, Јеласко Радуков, за да изрази сериозна загриженост по објавувањето на дипломатска нота поврзана со посетата на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски на Бугарија. Според Муцунски, особено спорно е што во документот биле откриени лични податоци.
„Јас да бев на нивно место, доколку ми се случеше ова, ќе се извинев“, изјави Муцунски на прес-конференција на која даде отчет за својата двегодишна работа како министер за надворешни работи.
Тој оцени дека ваквиот начин на комуникација меѓу две држави е неприфатлив и додаде дека дури и во исклучително тензични меѓународни односи не се случуваат вакви ситуации.
„Станува збор за движење на членови на семејство на високи странски претставници. Од наша страна никогаш не излегол ваков документ во јавноста. Може да се случи грешка, но јас прв би се извинил“, рече Муцунски.
Министерот информираше дека од амбасадорот Радуков побарал објаснување за начинот на кој нотата се нашла во јавноста, но дека досега не добил одговор.
„Го изразивме високото ниво на незадоволство од овој гест“, посочи тој.
Муцунски оцени дека во онлајн просторот постои организирана мрежа од Бугарија која, како што рече, е поврзана со спорот меѓу двете земји и сè повеќе се насочува кон напади врз семејствата на политичарите.
„Сигурно сте читале дека мојот дедо бил бугарски војник. Тој е починат уште во 1997 година. Нека ги критикуваат мене и мојата работа, но нека ги остават нашите семејства на мир“, порача Муцунски.
Тој додаде дека за случајот биле информирани и претставници на Европската Унија и НАТО, бидејќи, според него, станува збор за преседан и нарушување на принципите на дипломатската комуникација и заштита.
Говорејќи за односите со Софија, Муцунски нагласи дека Македонија ги осудува сите форми на вандализам, осврнувајќи се на обвинувањата од бугарска страна за палењето автомобили пред бугарската амбасада. Тој истакна дека институциите веднаш реагирале и го осудиле настанот. Во однос на Акцискиот план за заштита на малцинствата, кој се поврзува со европскиот пат на Македонија, министерот рече дека станува збор за експертски документ изработен со учество на домашни и експерти делегирани од Советот на Европа. Според него, не постои суштинска пречка за негово спроведување, туку станува збор за различно толкување на европските обврски.
Муцунски оцени дека во последниот период има засилен дијалог со Софија, посочувајќи ги средбите со бугарската министерка за надворешни работи, како и разговорите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието со бугарски претставници. Сепак, тој предупреди дека патот кон ЕУ во моментов е непредвидлив и дека оваа влада нема да оди по пат кој, како што рече, нема јасни правила.
„Се прават максимални напори да се најде решение кое ќе биде одржливо и достоинствено, затоа што граѓаните ни го дадоа мандатот за тоа“, порача Муцунски.
Министерот најави и дека е избран кандидат за нов амбасадор на Македонија во Софија, кој доаѓа од професионалниот дипломатски кадар. Тој информираше дека во моментов 16 амбасади се без амбасадори, додека за 12 веќе е започната постапката за испраќање нови дипломатски претставници. Во рамки на отчетот, Муцунски соопшти дека реализирал 110 работни посети и над 400 средби, а Македонија била домаќин на 40 светски лидери, при што во овие активности ги вклучи и средбите реализирани од претседателката на државата и премиерот.


