КРИВА ПАЛАНКА СТАНУВА ЛЕТНА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА Над 60 настани и спектакуларно отворање со „Љубојна“
Градот подготвува богата културна програма која ќе ги спои традицијата, современото творештво и забавата за сите генерации.

Со концерт на музичката група „Љубојна“, на 24 јуни официјално ќе биде означен почетокот на „Кривопаланечко културно лето 2026“ – манифестација која и оваа година ќе донесе богата и разновидна програма посветена на музиката, уметноста, традицијата и современото творештво.
Летната сцена на Градскиот плоштад во Крива Паланка, со почеток во 20 часот, ќе биде местото каде што ќе се одржи свеченото отворање, а публиката ќе има можност да ужива во настапот на „Љубојна“ – состав познат по уникатниот спој на македонската музичка традиција со модерниот музички израз.
Во рамки на летната манифестација, градот ќе живее со повеќе од 60 културни и забавни настани. Програмата опфаќа концерти, театарски претстави, изложби, фестивали, содржини за најмладите, креативни работилници, како и традиционални настани наменети за посетители од сите возрасти.
Со настапот на „Љубојна“ симболично ќе започне уште едно културно лето во кое Крива Паланка ќе се претвори во отворена сцена за уметност, креативност и културна размена.
„Кривопаланечко културно лето“ низ годините прерасна во еден од препознатливите културни брендови на градот, привлекувајќи уметници, културни работници и посетители од Македонија и регионот.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, посочи дека целта е градот постојано да се развива како центар на културата и заедништвото.
„Нашата визија е Крива Паланка да биде град кој создава, живее и дише култура во текот на целото лето“, истакна Митовски.


