ШЕСТ ДЕНА, 70 ПОЕТИ И ЕДНА ГОЛЕМА ПРИКАЗНА Струга се подготвува за историскиот фестивал
Околу 70 поети, преведувачи и книжевни работници од целиот свет ќе бидат дел од јубилејното 65. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

Од 24 до 29 јуни 2026 година ќе се одржи јубилејното 65. издание на една од најзначајните поетски манифестации во светот – Струшките вечери на поезијата, под мотото „Каде што живее поезијата“.
Во текот на шест фестивалски денови, околу 70 поети, критичари, преведувачи и книжевни дејци од Македонија и од странство ќе се соберат во Струга, градот на мостовите, за да ја прослават моќта на поетскиот збор. Покрај брегот на Охридското Езеро и покрај водите на Црн Дрим, учесниците ќе создаваат, разменуваат идеи и ќе ја продолжат долгогодишната традиција што ја претвори Струга во меѓународен центар на поезијата.
На јубилејното издание ќе бидат промовирани 14 нови изданија на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“, а програмата ќе понуди средби со врвни автори и книжевни настани посветени на современата поетска мисла.
Фестивалот и оваа година се одржува под покровителство на претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Највисокото фестивалско признание „Златен венец“ годинава ќе ѝ биде доделено на холандската поетеса Анеке Брасинга, додека наградата „Мостови на Струга“ ќе му припадне на британскиот поет Даниел Хајндс. Меѓу учесниците ќе има истакнати поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија и други земји.
Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на 24 јуни, датум кој се совпаѓа со 165-годишнината од објавувањето на „Зборникот на народни умотворби“ на браќата Миладиновци, дело објавено во 1861 година во Самобор, Хрватска. Токму оваа симболика е една од причините поради кои годинава фестивалот се одржува во јуни, во период кога се одржуваат и други големи европски поетски манифестации.
Организаторите најавуваат дека јубилејното издание ќе донесе нова енергија и ќе го врати форматот на професионален меѓународен фестивал.
„Струга е подготвена да ги отвори своите порти за светот и да ја прегрне поезијата во сите нејзини форми. Заедно ќе ја прославиме уметноста што ги поврзува јазиците, културите и генерациите и ќе испишеме нови страници од големата поетска приказна“, порачаа организаторите.


