ЌЕ СЕ МЕНУВА ЛИ ВРАБОТУВАЊЕТО ВО ДРЖАВАТА Денеска клучна расправа за спорниот закон

Законот кој се повикува на Охридскиот рамковен договор влегува во втора фаза од собраниската процедура.

ЌЕ СЕ МЕНУВА ЛИ ВРАБОТУВАЊЕТО ВО ДРЖАВАТА Денеска клучна расправа за спорниот закон
Фото: Принтскрин

Во Собранието денеска ќе заседава Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, која ќе ја отвори амандманската расправа по Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, во второ читање.

За законското решение се поднесени вкупно 31 амандман од пратениците Рина Ајдари од Европскиот фронт, Зијадин Села од Алијанса за Албанците и Фатмир Битиќи од СДСМ.

Со предложениот закон се предвидува воспоставување јасна правна рамка за спроведување на начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните од сите заедници во државните органи и јавните институции. Целта е да се обезбедат транспарентни процедури за вработување и унапредување, како и еднаков пристап до работните места во јавниот сектор.

Во образложението на законот, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали истакна дека принципот на соодветна и правична застапеност произлегува од Охридскиот рамковен договор и претставува важен елемент на мултиетничкиот карактер на државата.

Според Сали, новото законско решение треба да го замени досегашниот „Балансер“, кој, како што оцени, бил само дигитална алатка и привремено решение.

„По 23 години конечно се заокружува ова прашање со закон. Решението доби позитивно мислење од Венецијанската комисија и поддршка од Советот на Европа“, изјави Сали.

Тој нагласи дека законот го гарантира правото на слободно самоизјаснување, но истовремено предвидува механизми за спречување на злоупотреби. Во случај на утврдена злоупотреба, кандидатите ќе бидат одбиени од постапката и нема да можат да аплицираат на јавни конкурси во период од три месеци.

Предлог-законот денеска ќе биде разгледуван и на седница на Законодавно-правната комисија.

CATEGORIES
Share This